2,36 милиони евра опрема неевидентирани во Бирото за метрологија, лабораторијата за нафта – неискористена се клучните наоди на државниот ревизор за работењето на Бирото за метрологија.
Мобилната лабораторија купена со државни пари за проверка на квалитетот на нафтата и нафтените деривати во текот на 2024 година воопшто не била користена. Ова го утврди Државниот завод за ревизија, кој даде неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на Бирото со законите.
Ревизорите утврдиле дека опрема во вредност од 145,2 милиони денари, односно околу 2,36 милиони евра, набавени во претходните години, сè уште не се евидентирани во сметководството на Бирото.
Причината е неизвршено примопредавање со Министерството за економија и труд.
Дополнително, кај дел од основните средства е утврдена разлика од 5,54 милиони денари, односно околу 90 илјади евра, меѓу она што стои во сметководството и она што физички било утврдено со пописот.
Проблем има и со материјалите што Бирото ги користи во секојдневното работење. Во 2024 година биле набавени пломби, жигови, жиг-налепници и записници во вредност од 4,27 милиони денари, односно околу 69 илјади евра, но за нив, според ревизорите, не била воспоставена ниту сметководствена ниту материјална евиденција. Станува збор за материјали кои се користат при проверка и верификација на мерните инструменти и се директно поврзани со услугите што ги наплаќа Бирото.
Лабораторија за нафта платена над милион евра неискористена, никој не побарал анализа
Еден од покарактеристичните наоди се однесува на мобилната лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива.Бирото ја набавило лабораторијата во 2019 година за 608 илјади евра, по одлука на Владата. Две години подоцна е набавена и дополнителна опрема вредна 403 илјади евра. Вкупно, државата вложила околу 1,01 милион евра во лабораторијата и дополнителната опрема.Но, во текот на цела 2024 година лабораторијата не била искористена ниту еднаш за анализа на нафта и нафтени деривати.
Причината, според ревизорите, е што Државниот пазарен инспекторат, со кој Бирото има склучено договор за користење на лабораторијата, не доставил барања за испитување. Практично, државата има опрема вредна околу еден милион евра за проверка на квалитетот на горивата, но во ревидираната година таа останала неискористена.
Бирото заработило речиси 2 милиони евра, но наплатата и евиденцијата доцнат.
Ревизијата покажала и слабости во работењето со приходите. Во 2024 година Бирото остварило околу 2 милиони евра приходи од верификација на мерила, калибрација на еталони и други услуги. Сепак, процесот на управување со предметите и наплатата не бил уреден со интерна процедура. Не биле утврдени ниту јасни рокови за распределба, контрола и одобрување на предметите. Уште позначаен е податокот дека од вкупно 2,98 милиони евра, фактурирани услуги за верификација во 2024 година, од кои 1,34 милиони евра, се однесувале на барања поднесени уште во периодот од 2018 до 2023 година.
Тоа значи дека дел од услугите биле фактурирани со години задоцнување. Речиси 660 илјади евра побарувања. Во билансот на состојба на крајот на 2024 година Бирото прикажало 659 илјади евра побарувања од купувачи. Но, кај дел од клиенти биле евидентирани и негативни салда во вкупен износ од 191 илјада евра, поради што ревизорите оцениле дека побарувањата не се реално прикажани во финансиските извештаи.
Ревизијата утврдила и дека фактурите за услуги за хомологација не се евидентирале навреме. Така, во 2024 година биле евидентирани побарувања од 231 илјада евра, од кои 38 илјади евра, се однесувале на фактури издадени уште во 2023 година. Во 2025 година дополнително биле евидентирани 24 илјади евра, по фактури издадени во 2024 година.Проблеми има и со наплатата од овластените правни лица. Тие треба да му уплатат на Бирото 20 проценти од вредноста на извршените услуги, но нема јасни правила за известување, контрола и рокови за уплата.
Ревизорите утврдиле дека средствата се уплаќале со шест до девет месеци задоцнување, што, според нив, создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата на приходите. Државниот завод за ревизија даде повеќе препораки до Бирото за метрологија за отстранување на утврдените слабости и подобрување на контролата врз имотот, приходите и работењето.Од 2024 година Бирото продолжува да работи во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, преку новата буџетска сметка.


