Мицкоски од утре во Вашингтон – најави средби на високо ниво, засега не и со бугарската делегација

Објавено:

Средби на ултра високо ниво во рамки на Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, со претставници на финансиската институција ДФЦ, со државници и со влијателни тинк-тенк организации, најави вечерва премиерот Христијан Мицкоски кој утре со владина делегација заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД).

Мицкоски ќе престојува во Вашингтон, но ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите Нации во Њујорк. Како што информира, до овој момент нема во план за средба со бугарската делегација.

„ДФЦ се тука присутни преку својата инвестиција во проектот Крстодол или Антимон, познат во јавноста. Има од нивна страна пројавено интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети. Исто така, со компании од воената индустрија кои сакаме да ги привлечеме да дојдат тука, кај нас. Во фаза сме на изработка нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг полигон Криволак, зашто чувствуваме дека на тој начин можеме да имаме уште побрз и уште подинамичен раст на економијата. Понатаму, средби со влијателни тинк-тенк организации и потоа се селиме во Њујорк“, рече Мицкоски во вечерашното гостување во дневникот на МТВ.

Во Њујорк, нагласи, на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретне со голем број државници.

„Имаме веќе потврдени средби. Во принцип, се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски. Инаку, што се однесува на состанок со бугарската делегација, до овој момент немаме во план таква средба“, рече Мицкоски.

Прашан со каков став ќе настапи македонската делегација на средбата на лидери од Западен Балкан што за време на генералните собранија вообичаено ја организира делегацијата на Европската Унија во Њујорк во однос на условите на Бугарија за промена на Уставот и позицијата на Македонија за гаранции, Мицкоски кажа дека „оваа Влада води јасна политика без да прави какви било естрадни потези“.

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска најави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во наредните недели ќе го посети регионот, изразувајќи надеж дека тоа ќе даде дополнителен поттик за европската интеграција, но и одлучувачки чекор кон почнување на пристапните преговори на земјата со Европската Унија(ЕУ).

На дополнително прашање дали има информации за носење уставни измени со одложено дејство со цел одблокирање на интегративниот процес, рече дека не може да сподели такви информации во јавноста.

На почетокот на месец јули, евроамбасадорот Рокас изјави дека зад радарот на јавноста се бара решение за деблокада на евроинтеграциите.

Рокас тогаш порача дека се прави многу работа која не е видлива за јавноста и дека се надева наскоро да се отвори патот за преговори на Македонија со ЕУ.

Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот, на барање на Бугарија.

Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.

Позицијата на актуелната влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.

Последни објави