Полицијата, во координација со Одделот за специјални полициски операции и под раководство на ОЈО ГОКК, спроведе акција против криминална група осомничена за криумчарење стоки и коруптивни кривични дела.
Во рамки на акцијата, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија. Приведени се шест лица, додека двајца осомничени се недостапни за органите на прогонот.
При претресите биле пронајдени и одземени повеќе од 100.000 евра, 16 плочки со златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, мобилни телефони и други предмети.
Според МВР и Обвинителството, против осум лица е поднесена кривична пријава за повеќе дела, меѓу кои криумчарење, избегнување плаќање акциза, давање и примање поткуп, неовластена трговија со лекови и перење пари.
Истрагата покажала дека во периодот од 2024 до 2026 година групата организирала нелегално внесување и препродажба на цигари и тутун, при што, според обвинителството, бил даван поткуп на царински службеник за непречено минување на стоката преку граница.
Осомничените се поврзуваат и со нелегален увоз и продажба на лекови, суплементи и препарати за подобрување на сексуалната функција. При претресите биле пронајдени и лекови за различни заболувања, антибиотици, хормонски препарати, инсулини и други средства.
За тројца осомничени е побаран притвор, додека за тројца се предложени мерки на претпазливост. Пронајдените пари и предмети ќе бидат предмет на дополнително вештачење и анализа.


