Обвинение за вработената во МВР и за возачи осомничени за фалсификуваните возачки дозволи

Објавено:

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство(ОЈО Скопје) поднесе Обвинителен предлог против шест лица за продолжени кривични дела, „фалсификување исправа“.

Првата обвинета е вработена во Министерството за внатрешни работи(МВР), како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје. Според ОЈО, таа 3.09.2020 до 24.08.2026 година во повеќе наврати ги користела своите шифри и вршела преправање на возачки дозволи, внесувајќи дополнителни категории.

Останатите петмина опфатени со обвинението се возачи кои, иако знаеле дека немаат положено за Ц и Д категорија, во договор со првата обвинета, поднесувале барања за издавање дозволи во кои им биле впишувани дополнителни категории.

„Ваквите невистинити исправи тие ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки, а потоа во повеќе наврати управувале со автобус или товарно возило во меѓународен сообраќај. За тројца обвинети, вклучувајќи ја и вработената во МВР, јавниот обвинител достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор. За останатите тројца кои се недостапни на органите на прогонот предложи да им биде определен притвор од нивното пронаоѓање, а постапката против нив ќе продолжи во нивно отсуство“, соопшти ОЈО-Скопје.

Обвинението следува по истрагата што внатрешната контрола на МВР ја отвори минатиот месец кога беше откриено дека вработени во управните служби за по околу 1.400 евра незаконски впишувале Ц и Д категории во возачките дозволи на лица што немале положено испит за управување камиони или автобуси.

Сомнежите се однесуваат на тоа дека лицата пријавувале дека ја изгубиле возачката дозвола и барале издавање нов документ. При изработката на новата дозвола, во системот на МВР наводно им биле додавани категории што претходно ги немале. Така, лице кое поседувало само Б-категорија, која се однесува на дозвола за управување на автомобил, можело на новата возачка дозвола да добие и Ц или Д категорија, без претходно да покаже дека ги исполнува условите за нив.

Последни објави