Опозициската СДСМ соопшти дека нема да ѝ се извини на министерката за енергетика, Сања Божиновска, која побара извинување во рок од 24 часа и најави тужба откако партијата ја прозва за нејзина поранешна поврзаност со компании од „Руднап груп“ и за зделка вредна 13,2 милиони евра за набавка на броила од српската компанија „Метер&Контрол“.
СДСМ го повика Обвинителството да реагира по информациите што партијата ги обелоденува.
„Фактите не се лаги. Тие се регистар. Божиновска од 2011 до 2014 година била извршен директор на „Руднап Група“ за Централна и Источна Европа, со одговорности за активности во Македонија, Србија, Бугарија и регионот. Од 23 март 2012 до 11 март 2014 година била и управител на „Руднап Бугарија“ ЕООД, компанија која во 2012 година остварила промет од над 130 милиони бугарски лева. Името ѝ стои во документацијата на загрепската фирма на „Руднап“, промена регистрирана на 6 декември 2013, идентификувана со бугарски пасош“, соопшти СДСМ.
СДСМ тврди дека нејзиното име се појавува и во документација поврзана со загрепската компанија на „Руднап“, а партијата посочува и на нејзиниот претходен ангажман во ЕЗПАДА, компанија за меѓународна трговија со електрична енергија. Во соопштението се наведува и дека на 11 август 2026 година ЕВН склучила договор во вредност од околу 13,2 милиони евра со српската компанија METER&CONTROL за набавка на броила. СДСМ ја поврзува компанијата со групацијата на Војин Лазаревиќ и поставува прашања за евентуалната поврзаност со претходниот професионален ангажман на Божиновска.
Во соопштението на СДСМ се изнесуваат и обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски, при што СДСМ тврди дека зад кадровските и економските одлуки стојат деловни интереси.
Од партијата дополнително го посочуваат Душан Адамовиќ како, како што тврдат, врска меѓу Лазаревиќ и Мицкоски. Адамовиќ е почесен конзул на Македонија во Србија, кого СДСМ го опишува како „човек со криминално минато, навивач од хулиганските кругови околу Вучиќ, висок кадар на неговата партија СНС“.
Божиновска го повика СДСМ да го покаже доказот или да ги повлече лагите, во спротивно најави судска постапка.
„Категорично ги отфрлам и ги демантирам лагите и тенденциозните конструкции што СДСМ ги изнесе на прес-конференцијата на 20 септември 2026 година, со кои без ниту еден доказ се прави обид да се нарушат мојата чест, углед и професионален интегритет. Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со „Руднап“. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби“, соопшти Божиновска.
Според неа, СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за политички да ја дискредитира.
Божиновска е актуелна министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. На функцијата е од јуни 2024 година, по формирањето на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Божиновска важи за долгогодишен експерт и консултант во областа на енергетиката со богато меѓународно искуство во енергетски проекти и инвестиции.
По нејзиното назначување во 2024 година, во јавноста се отвори дебата откако медиуми објавија дека покрај македонското и чешкото државјанство, таа поседувала и бугарско државјанство (бугарски пасош). Божиновска тогаш рече дека поднела барање за отпуст од бугарското државјанство.


