Професионални војници протестираа пред Владата за еднаков третман

Објавено:

Поранешните професионални војници денеска протестираа пред Владата, незадоволни од како што велат, големите разлики во исплатата на отпремнина. Тие бараат еднаков третман за сите пензионирани војници, без разлика кога заминале во пензија.

Со транспаренти „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат „државата да ја исправи неправдата“.

„Од оваа страна на сликата сме ние пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од друга страна се оние кои се пензионирале после тоа. Погледнете ги разликите во сумите. Пример ако некој генерал тогаш земал три илјади евра како отпремнина, сега таа сума изнесува дваесет и пет илјади евра“, изјави Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата.

Независниот синдикат на професионални војници бара вработените да добијат договори на неопределено време и повисоки плати.

„Поднесовме закон во Собранието следните седум години да нема нови вработувања, со тоа би се заштедиле од 10 до 12 милиони евра во буџетот на Министерството за одбрана со што ќе се обесштетат поранешните пензионирани војници. Освен тоа и сегашните професионални војници ќе добијат договор на неопределено време и право на пензија“, изјави Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници.

Од Министерството за одбрана рекоа дека барањата за ретроактивна исплата на повисоки опремнини, по законските измени е спротивно на законот.

Минатата недела во Министерството за одбрана беа потпишани договори за вработување со професионални војници кои навршуваат 45 години возраст, како цивилни лица во Министерството чиј статус ќе се трансформира во цивилни лица во македонската Армија.  Министерството соопшти дека војниците кои ги потпишаа договорите за вработување на неопределено време, претходно планирале да заминат со финансиски надомест (испратнина). Наместо да ја напуштат службата, тие по 45-тата година ќе продолжат да работат како цивилни лица сè до нивното пензионирање, соопшти Министерството за одбрана.

Притоа, досегашните законски опции, како испратнината во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт, и натаму остануваат во сила за оние кои тоа ќе го изберат.