Се очекува американскиот претседател, Доналд Трамп за време на претстојниот самит во Пекинг да изврши притисок врз кинескиот лидер Си Џинпинг во врска со Иран, додека високи американски претставници ја истакнуваат загриженоста на Вашингтон поради економските и технолошките врски меѓу Кина и Техеран – објави Радио Слободна Европа.
Трамп треба да пристигне во Пекинг на 13 мај во вечерните часови, а со Си Џинпинг ќе се сретне на 14 и 15 мај пред да ја напушти Кина – пишува Радио Слободна Европа повикувајќи се на изјавата на главната заменичка секретарка за медиуми, Ана Кели за време на телефонскиот брифинг во Белата куќа во пресрет на патувањето.
Говорејќи на истиот брифинг, висок претставник на администрацијата изјави дека Трамп и Си веќе „повеќепати“ разговарале за Иран и дека тоа прашање повторно ќе биде во фокусот за време на средбите.
„Претседателот (на САД) повеќепати разговараше со генералниот секретар Си Џинпинг за прашањето за Иран“, изјави претставникот, додавајќи дека Вашингтон и натаму е загрижен поради „приходите што Кина му ги обезбедува“ на Техеран, како и поради трансферот на стоки со двојна намена, индустриски компоненти и можностите за извоз поврзан со оружје.
На прашањето дали Трамп ќе побара дополнителен притисок од Кина врз Техеран во услови на нерешени нуклеарни преговори, висок претставник изјави дека претседателот тоа прашање веќе го покренувал претходно и дека се очекува повторно да го стори тоа за време на самитот.
Белата куќа, исто така, ги отфрли сугестиите дека тензиите околу Иран треба да го спречат Трамп да отпатува во Кина.
Висок претставник наведе дека администрацијата го одложила патувањето пред околу шест недели, за време на, како што беше опишано, поинтензивната фаза на ситуацијата со Иран, но дека околностите во меѓувреме се промениле и дека Белата куќа сега продолжува со посетата.


