Тројца патници позитивни на хантавирус по евакуацијата

Објавено:

Една Французинка и двајца Американци се позитивни на тестот или покажале симптоми на хантавирус во понеделник,11 мај додека земјите ширум светот брзаат да ги репатрираат патниците од крузерот кој беше погоден од вирусот и да ги стават во карантин или да ги изолираат.

Патниците од бродот почнаа да летаат дома со воени и владини авиони во неделата, 10 мај откако бродот се закотви на Канарските Острови. Персонал во заштитна опрема за целото тело и маски за дишење ги придружуваа патниците од бродот до брегот на Тенерифе, јавува Асошиејтед Прес.

Французинка била позитивна на тестот за хантавирус и нејзиното здравје се влошило во болницата преку ноќ, соопшти во понеделник француската министерка за здравство Стефани Рист.

Жената беше меѓу петте француски патници репатрирани во неделата во Париз од крузерот MV Hondius. Таа развила симптоми на летот за Париз, изјави Рист за јавниот радиодифузен сервис France-Inter.

Еден од 17-те американски патници евакуирани од бродот и префрлени во Небраска исто така бил позитивен на тестот за хантавирус, но не покажува никакви симптоми, а друг имал благи симптоми, соопштија американските здравствени власти доцна во неделата.

Светската здравствена организација препорача внимателно следење на поранешните патници, а многу земји ги ставија во карантин.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, нагласи дека пошироката јавност не треба да се грижи за епидемијата.

„Ова не е уште еден КОВИД. И ризикот за јавноста е низок. Затоа не треба да се плашат и не треба да паничат“, порача тој во неделата.

Хантавирусот обично се шири од измет од глодари и не се пренесува лесно меѓу луѓето. Но, вирусот Анди откриен на бродот може да се шири меѓу луѓето во ретки случаи. Симптомите обично се појавуваат помеѓу првата и осум недели по изложеноста.

СЗО препорачува матичните земји на патниците „да имаат активен мониторинг и следење, што значи дневни здравствени проверки, или дома или во специјализирана установа“.

Претходно, претставници на шпанското Министерство за здравство, Светската здравствена организација и компанијата за крстарење „Оушенвајд експедишн“ изјавија дека ниту едно од повеќе од 140-те лица што тогаш биле на „Хондиус“ не покажало симптоми на вирусот.

Три лица починаа од почетокот на епидемијата, а пет лица кои го напуштија бродот претходно беа заразени.