Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не очекува промена во односите и атмосферата помеѓу Македонија и Бугарија. Атмосферата меѓу двете земји, според него, уште повеќе да се вжешти бидејќи, како што рече, кај нас „сè уште постојат политички и општествени структури кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика“.
„Сè додека има такви политички структури и општествени сили јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед. Ние како влада сме секогаш подготвени за билатерални разговори и соочување на нашите аргументи и секако оние аргументи кои ќе преовладаат ние сме подготвени да ги прифатиме исто како што очекуваме спротивната страна да ги прифати нашите аргументи ако преовладаат“, изјави Мицкоски по свечената богослужба по повод одбележувањето на 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
На новинарско прашање дали власта се подготвува за внесување на Бугарите во Уставот, како што деновиве тврди опозицискиот СДСМ, Мицкоски рече:
„Па, некои прашања и не заслужуваат одговори, такво е и ова прашање. Мислам дека одговор на ова прашање дадов во воведниот дел од моето денешно обраќање.“
Во своето воведно обраќањ Мицкоски рече дека сè уште постојат земји членки на Европската Унија кои не ги почитуваат и не ги спроведуваат вредностите на македонскиот револуционер.
„Наместо да се бориме за заедничка и подобра иднина, ние отвораме прашања од минатото, а некои од нив имаат корени во средниот век. Ние како влада ќе опстоиме на она што претставува наш корен, ќе останеме на линијата на македонскиот идентитет. Тоа е црвената линија и нема ни милиметар да отстапиме“, рече Мицкоски по богослужбата.
Односите меѓу Македонија и БУгарија често се движат меѓу соработка и тензии, особено околу историјата, идентитетот и европската интеграција.
Во контекст на Северна Македонија, Бугарија е важна со оглед дека македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата. Со уставните измени Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Уставните измени се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.


