Американска сенаторка: Русија го гледа Западен Балкан како потенцијален втор фронт

Објавено:

Истакнатата американска сенаторка од редовите на демократите, Џин Шахин, изјави дека Русија има интерес за дестабилизација на регионот на Западен Балкан, кој Москва го гледа како „потенцијален втор фронт“.

Шахин во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека САД мора да се погрижат Русија да знае дека американските сили во регионот „се во состојба на висока готовност и внимателно следат што се случува“.

Во врска со загриженоста поради можноста за нестабилност што би ги вклучила Косово, Србија и Босна и Херцеговина, водечката демократка во Комитетот за надворешни односи на Сенатот рече дека „станува збор за поврзаноста на Србија и Србите во Република Српска со Русија, како и за рускиот интерес за дестабилизација на регионот“.

„Русија на тоа гледа како на потенцијален втор фронт, а ние мора да направиме сè што можеме за да ја зачуваме стабилноста во регионот. Исто така, мора јасно да ставиме до знаење дека и нашата војска многу внимателно ја следи ситуацијата“, изјави Шахин, која е и копретседателка на Сенатската група за набљудување на НАТО.

Шахин рече дека САД мора да обезбедат сузбивање на руското хибридно војување каде што е можно.
„Тоа не е само во интерес на Америка, туку и во интерес на нашите европски сојузници“, додаде таа.

На прашањето за загриженоста поради активностите на Русија долж источното крило на НАТО, Шахин рече дека Русија не води хибридна војна само во таа област, туку дека Србија ја користи како „попатна станица“.

„Имавме сослушување во Комитетот за надворешни работи, а една од темите беше фактот дека Србија им послужила како попатна станица на Русите при изведувањето на нападите во Лајпциг. Потоа се вратиле во Србија“, рече таа.

Последни објави