Стејт департмент: Завршена е ерата на „градење држави“ во Западен Балкан

Објавено:

Ерата на градење држави предводена од САД е завршена, а американската политика кон Западен Балкан повеќе не е насочена кон спасување или реконструкција, туку кон стабилност и заемно корисни партнерства. Ова е една од клучните пораки во новиот извештај на Стејт департментот до Конгресот за политиката кон регионот.

Во документот се наведува дека американските напори во Западен Балкан во изминатите децении придонеле за воспоставување стабилност, што сега создава основа за „различна форма на американско ангажирање“.

„Администрацијата се фокусира на зајакнување на локалните актери да ги решаваат сопствените предизвици, наместо да се поттикнува прекумерна зависност од меѓународна интервенција или надзор. САД се подготвени да помогнат таму каде што нивното учество е побарано и каде што унапредува американски интереси“, стои во извештајот.

Во делот за Северна Македонија се посочува дека американската администрација планира интензивирање на дијалогот со властите во Скопје и Белград во 2026 година. Според постигнатото во февруари, кога беа актуелните царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, Скопје се согласи на укинување на царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД, додека Соединетите Држави на задржување на 15% тарифи за дел од македонските производи, со можност за дел од нив тие да бидат укинати.

Дополнително во извештајот, се нагласува дека интеграцијата на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во НАТО придонела за зајакнување на Алијансата.

„Администрацијата ќе продолжи да ги поттикнува земјите да ги модернизираат армиите и да ги исполнуваат НАТО целите за капацитет, вклучително и обврската за 5% од БДП за одбрана“, се наведува во извештајот.

Еден од најсилните делови на документот е економскиот, каде што се нагласува потребата од унапредување на американските комерцијални интереси во регион со пазар од околу 18 милиони жители, сместен на важни транспортни коридори и со значајни природни ресурси, растечки технолошки сектор и квалификувана работна сила.

„Приоритет е заштита на критична инфраструктура од неповолни странски инвестиции. Стејт департментот ќе соработува со повеќе американски агенции за развој на проекти кои ќе бидат од корист и за САД и за регионалните економии. Пазарниот пристап е клучен. САД работат на фер и реципрочна трговија и елиминирање на бариерите за американските компании“, се наведува во документот.

Американската администрација посочува дека се во тек преговори за договори со Северна Македонија и Србија, како и дека регионот се соочува со значителен инфраструктурен дефицит во транспортот, дигиталната поврзаност и енергетиката.

„Енергетската зависност од Русија останува стратегиска ранливост. САД ќе промовираат диверзификација преку американски извори на енергија, вклучително течен природен гас, нуклеарна технологија и обновливи извори“, се наведува во извештајот.

Во документот се додава дека Кина и Русија се обидуваат да влијаат врз регионот преку нестабилност, корупција и слабо владеење. Русија, како што се наведува, поттикнува етнички тензии и користи енергетски притисок, додека Кина се потпира на заеми, трговија и политичко влијание.

Дополнително, се истакнува дека организираните криминални групи од Западен Балкан претставуваат директна безбедносна закана за САД, вклучително преку поврзаност со нарко-картели и нелегална миграција.

Стратешкиот дијалог двете држави го започнаа во јуни 2022 година за време на владата на СДСМ и ДУИ и на американската администрација на Џо Бајден и Камала Харис. Тогашната сесија од дијалогот ја предводеа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и Керен Донфрид која во тоа време беше помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.

Двете држави имаат воспоставено билатерални односи повеќе од три децении. Оттогаш, меѓу најважните билатерални документи што ги имаат потпишано е Декларацијата за стратешко партнерство и соработка. Потпис на неа беше ставен на 7 мај 2008-та, по грчкото вето за прием на земјава во НАТО на самитот во Букурешт во април истата година. Потписници на оваа декларација беа тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс.