Американска поддршка од 3,5 милиони долари за МВР

Објавено:

Македонското Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе добие поддршка од околу 3,5 милиони долари од САД, кои ќе бидат насочени за граничната полиција, борбата против тероризмот и транснационалниот криминал. Ова го соопшти министерот Панче Тошковски кој е дел од од македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД) во Вашингтон.

„Со сите овие заеднички чекори коишти ги преземавме во минатото и со сето она што ќе следи во иднина и тоа како ќе ја зајакнеме безбедноста не само на македонските граѓани туку и на сите оние коишто да речеме транзитираат низ Македонија, и секако би можело да влијаат на каков било начин на безбедноста и на Соединетите Американски Држави“, изјави Тошковски.

Македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, а покрај Тошковски, дел од неа се министрите за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Муцунски по состанокот од втората сесија на својот официјален Фејсбук профил наведе дека фокусот на разговорите бил ставен на клучните области, како глобалните и регионалните прашања, одбраната и безбедноста, енергетиката и економската соработка, кибер и дигиталната безбедност, како и зајакнување на граничната безбедност и справувањето со транснационалните закани.

Тој во рамки на посетата на Вашингтон се сретна и со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.

„Ја реафирмиравме заедничката определба за силно и долгорочно партнерство, засновано на безбедност, слобода и демократски просперитет. Втората сесија на Стратешкиот дијалог претставува важен исчекор во унапредувањето на билатералните односи. Разменивме мислења и за состојбите во регионот и европската интеграција, при што беше нагласена важноста од континуираниот ангажман на САД како клучен фактор за стабилноста на Западен Балкан“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.

А, едно од најважните прашања за македонските граѓани кои се отвора во рамки на овој дијалог е и патувањето во САД без визи, само со пасош. Она што досега го потенцираа надлежните за ова прашање е дека македонските институции се вклучени во меѓуресорските работни групи за приклучување кон Програмата за укинување на визи (Visa Waiver Program) и кон Глобалната програма за влез во САД (Global Entry program). Сепак, ниту актуелната ниту претходната власт досега не ветуваа визно ослободување ниту за брзо време ниту со конкретни рокови.

Втората сесија од дијалогот доаѓа неколку месеци откако САД и Северна Македонија постигнаа согласност за рамковен договор за фер и реципрочна трговија. Според постигнатото во февруари, кога беа актуелните царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, Скопје се согласи на укинување на царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД, додека Соединетите Држави на задржување на 15% тарифи за дел од македонските производи, со можност за дел од нив тие да бидат укинати.

Стратешкиот дијалог двете држави го започнаа во јуни 2022 година за време на владата на СДСМ и ДУИ и на американската администрација на Џо Бајден и Камала Харис. Тогашната сесија од дијалогот ја предводеа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и Керен Донфрид која во тоа време беше помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.

Двете држави имаат воспоставено билатерални односи повеќе од три децении. Оттогаш, меѓу најважните билатерални документи што ги имаат потпишано е Декларацијата за стратешко партнерство и соработка. Потпис на неа беше ставен на 7 мај 2008-та, по грчкото вето за прием на земјава во НАТО на самитот во Букурешт во април истата година. Потписници на оваа декларација беа тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс.