САД ќе им дозволат на иранските лидери да присуствуваат на Генералното собрание на ОН

Објавено:

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе им дозволи на високи ирански функционери да присуствуваат на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк идната недела, соопшти во четвртокот Стејт департментот, иако Вашингтон и Техеран и натаму се во војна и продолжуваат со повремени преговори насочени кон ставање крај на конфликтот.

Портпарол на Стејт департментот изјави дека на „висока делегација на иранскиот режим“ ќе ѝ биде дозволено да присуствува на состанокот, во согласност со обврските на САД како земја домаќин на светската организација.

Тоа значи дека визи ќе им бидат издадени на функционери, меѓу кои и на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Аракчи, соопшти извор запознаен со одлуката.

„Делегацијата ќе биде под ограничувања за движење и ќе има забрана за купување луксузни и други производи, согласно со нашата политика. Делегацијата е помала од минатогодишната“, додаде портпаролот на Стејт департментот.

Според „Договорот за седиштето“ на ОН од 1947 година, САД вообичаено се должни да им овозможат пристап до Обединетите нации на странските дипломати. Сепак, Вашингтон наведува дека може да одбие издавање визи од причини поврзани со „безбедноста, тероризмот и надворешната политика“.

Администрацијата на Трамп во средата соопшти дека ќе им забрани влез на палестински функционери за состанокот на ОН, продолжувајќи ја забраната што е во сила од минатата година, поради нивни активности со кои, според Вашингтон, се настојувало да се „интернационализира израелско-палестинскиот конфликт“, вклучително и покренување постапки против Израел пред меѓународни судови.
На палестинскиот претседател Махмуд Абас му била одбиена визата како дел од американската одлука, изјави палестински функционер.

Последни објави