По бегството, Перпарим Бајрами седна во судница со Артан Груби

Објавено:

Бајрами се изјасни оти не се чувствува виновен за злоупотребите во Државна лотарија. Тој беше во бегство од декември 2024, кога беше отворена истрагата за него и за Груби. Останатите обвинети, се изјаснија за невини на претходните судски рочишта.

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, за првпат се појави во Основниот кривичен суд Скопје, каде беше спроведен да присуствува на рочиште во случајот поврзан со злоупотреби во оваа државна компанија.

Бајрами е еден од главните обвинети, заедно со поранешниот вицепремиерот Артан Груби. Двајцата се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Истрагата беше отворена во декември 2024 кога и Бајрами и Груби избегаа во Косово.

Груби се предаде во февруари годинава кога сам се пријави на граничниот премин „Блаце“ на влез од Косово во Македонија. На ист начин, на 9 септември се предаде и Бајрами.

Во меѓувреме, започна судскиот процес, во кој покрај нив, обвинети се и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димевски, како и лица во управните тела на Лотарија, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

По спроведувањето на Бајрами и неговото прво појавување во судница, тој се изјасни оти не се чувствува виновен.

Останатите обвинети, на претходните рочишта рекоа дека не се чувствуваат виновни.

За што се гонат обвинетите?

Обвинението во овој случај се однесува на тоа што била однесена одлука да се набават видеолотариски терминали и со нив да се приредуваат електронски игри на среќа. Меѓутоа, за такво нешто Државна лотарија немала право бидејќи во 2013 тоа право било вложено на Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнала со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

Сепак, според обвинителниот предлог, Бајрами во улога на генерален директор и претседател на Управниот одбор, до генералниот секретар на Владата доставил информација дека е потребно купување на терминали за приредување електронски игри.

Генсекот на владата, пак, таквата информација ја доставил на разгледување на дневен ред на седница на Владата наместо да ја врати назад во државна Лотарија.

Груби, во својство на вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија, предложи оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“, тврди ОЈО Скопје.

Полесно дело за Бајрами и Груби

Со истрагата за проневерите во Државна лотарија, што беше отворена во декември 2024, Бајрами и Груби беа единствени осомничени.

Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело „проневера во служба“.

Меѓутоа, со поднесување на обвинението, делото се смени во „злоупотреба на службената положба и овластувања“, за кое се товарат и останатите обвинети кон кои се прошири истрагата.

Проневера во служба е „потешко дело“ со оглед дека запретената затворска казна е од најмалку четири години.

Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно и за него се предвидува максимална казна од 5 години. Ова е „благодарение“ на контроверзните измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети.

Објаснувањето кое го дадоа од ОЈО за промената на кривичното дело е дека истрагата довела до докази за друго дело.

Построги казни за злоупотреба на службената положба и овластувања од тие што беа воведени со измените од септември 2023, беа воведени со нови измени во јануари 2026. Меѓутоа, на обвинетите во Државна лотарија ќе им се суди по „поблагата“ варијанта бидејќи така налагаат правилата – да важи поповолниот закон за обвинетиот со оглед дека тој бил на сила кога е сторено делото.

Последни објави