Изјавите на Богојески за „машки надзор“ врз жените оценети како опасни и понижувачки

Објавено:

Мрежата за заштита од дискриминација остро ги осуди јавните изјави на Петар Богојески, претседател на партијата Македонски концепт и дел од владејачката коалиција, кој во телевизиско гостување промовираше ставови за „машки надзор“ врз жените и го релативизираше насилството во брачните односи.

Од Мрежата порачуваат дека ниту еден маж нема право да врши контрола врз жената и дека бракот, неверството или традиционалните вредности не смеат да бидат оправдување за насилство.

„Кога јавна личност, универзитетски професор и лидер на политичка партија ја претставува контролата врз жените како машка обврска, тоа не е безопасна изјава. Тоа е порака што може да ги охрабри насилниците, да ги обесхрабри жртвите да побараат помош и да ги зајакне стереотипите според кои жените треба да бидат потчинети“, реагираат од организацијата.

Од Мрежата побараа и Владата итно и јавно да ги осуди и да се дистанцира од ставовите на Богојевски, а Јавното обвинителство да процени дали постојат елементи на поттикнување насилство, дискриминација или говор на омраза. Бараат и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да отвори постапка, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да го разгледа емитуваниот разговор и постапувањето на телевизијата во согласност со законските обврски и стандардите за спречување на поттикнување дискриминација и насилство.

Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, ги осуди ставовите на Богојески. Според неа, станува збор за понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството на жените и ги поткопуваат вредностите на демократското општество.

„Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од ‘машки надзор‘. Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество. Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво“, напиша Митева на фејсбук.

Реагираа и од Либерално-демократската партија. Од ЛДП оценуваат дека станува збор за сериозни и вознемирувачки пораки, кои, според нив, го загрозуваат достоинството, слободата и безбедноста на жените. Партијата прашува дали ставовите на Богојески го претставуваат и ставот на Владата, со оглед на тоа што неговата партија е дел од владејачката коалиција.

„Дали ова е официјалниот став на Владата и дали токму поради вакви сфаќања во сопствените редови со месеци се блокира и не се изгласува законското решение за електронски нараквици за насилниците?“, прашуваат од ЛДП.

Реакциите следуваат по телевизиската дебата на ТВ Алфа, во која Богојески зборуваше за феминизмот, брачните односи и улогата на мажот во односот со жената. Тој посочи дека феминизмот ги поттикнал жените да го отфрлат „машкиот надзор“, посочувајќи дека сопругот треба да има улога на надзорник.

Богојески е лидер на партијата Македонски концепт, која е дел од владината коалиција, но и доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”.