Обвинителката Хаџи Василева: Не треба да се плашиме од притисоци, туку да работиме според закон

Објавено:

Зачувувањето на интегритетот и резистентноста кон надворешни притисоци се клучни за независното функционирање на обвинителството, порача новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева.

Во изјава за медиумите дадена по рочиштето за случајот против судијата Ѓоко Ристов, Хаџи Василева истакна дека притисоците врз обвинителите се реалност што произлегува од суштината на нивната работа, но дека секој обвинител мора да постави јасна граница.

„Веројатно е природно обвинителската работа по својата суштина да трпи некакви притисоци. Наше е како обвинители да бидеме резистентни и да ставаме граница на тие притисоци. Не треба да се плашиме, притисоците се веројатно дел од човечката природа, како и интегритетот, кој сум убедена дека е дел од голем број обвинители“, изјави Хаџи Василева.

Запрашана за можноста од директни контакти или влијанија од високи државни функционери и носители на политичка власт, таа направи јасна разлика меѓу редовната институционална соработка и обидите за интервенција во конкретни предмети.

„Органите и институциите не е ништо спорно да соработуваат и тоа е природно, логично и разумно. Ако мислите на некакви интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање и се разбира дека ние сме по Устав самостојни и одлучуваме врз основа на право, факти и докази“, изјави таа.

Хаџи Василева соопшти дека формалното преземање на функцијата шеф на ОЈО ГОКК ќе се случи по завршувањето на законските процедури во наредните две недели. По стапувањето на должност, како што истакна, нејзиниот фокус ќе биде насочен кон организациски подобрувања и зголемување на ефикасноста во кривичниот прогон.

Хаџи Василева ќе го наследи Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат. По Вилма Русковска, таа ќе биде втората жена на чело на ова обвинителство, надлежно за гонење организиран криминал и корупција на територијата на целата држава.