Сведочеше мајката на судијата Ѓоко Ристов: Парите во ѕидот се мои

Објавено:

На денешното продолжение на судењето на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во Кривичниот суд сведочеше неговата мајка Донка Ристова.

Таа појасни дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврата. Првиот пат не било најдено ништо, но во вториот претрес, кој траел два дена, како што рече, ги нашле нејзините пари сокриени во ѕидот во куќата.

„Го нашле моето место каде што ги чував парите. Не од сега, не од лани, од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе отворев една плочка, како прозорче, во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку. Таму имаше 350.000 евра. Тие ми беа гаранција за стари години, за се, за тешки денови. Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Секаде по пазар одев“, сведочеше мајката на судијата Ристов.

Таа додаде дека еден период се занимавала и со плетење, и тоа плетела доцна до ноќта, до 3 по полноќ.

На прашањето дали некој друг знаел за парите, таа рече дека никој не знаел.

Ги чувала парите за кога ќе остари да лежи на Геријатрија, за што било потребно 100.000 евра.

На прашање на обвинителката Искра Хаџи Василева, Ристова одговори и дека таа ја направила продажбата на фирмата за фотоволтаици, но тие пари не ги ставила во ѕидот.

На прашањето на судијката, зошто на фолијата во кои биле замотени парите била најдена ДНК и од нејзиниот син Ѓоко Ристов, таа одговори дека тоа не и се верува, бидејќи парите биле нејзини.

Случајот против Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.

Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.

Против судијата Ристов се води постапка за случајот со 350.000 евра пронајдени при претрес во дом на неговите родители во Неготино, за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.