Судијата Ристов не се чувствува виновен за заѕиданите 350.000 евра

Објавено:

Не се чувствувам виновен ниту за првото, ниту за второто кривично дело со оглед на правната квалификација.

Вака се изјасни поранешниот судија од Апелацискиот суд, Ѓоко Ристов, кој денеска седна на обвинителна клупа, откако истражителите му најдоа 350.000 евра во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.

Во воведниот говор, обвинителката Искра Хаџи Василева рече дека ќе докаже дека Ристов лажел и го прикривал својот имот, додавајќи дека му биле најдени 350 илјади евра кои се всушност 450 просечни плати и за овие пари и за големиот имот тој нема покритие.

Хаџи Василева рече дека ќе докаже дека парите во семејната куќа биле негови и стекнати со трговија на влијание, а ќе докажува и дело перење пари.

Адвокатот на Ристов, Ѕвонко Давидовиќ рече дела случајот е холивудско правно издржан филм и најави дека ќе докажат дека парите се на неговите родители и дека нивниот имот е легално стекнат.

„Ѕидовите зборуваат, а доказите молчат, такво е ова обвинение. Ќе одговориме на холивудскиот наратив на Обвинителството и на нивниот неиздржан филм користејќи го емотовниот нартив на јавноста. Мојот клиент кој професионално си ја извршува работата, беше осуден во јавноста уште пред да почне судењето. Најдени се пари во ѕид на туѓа куќа и не постои доказ кој го поврзува со неговата функција. Ќе докажеме со документи дека неговите родители легално го стекнале овој имот. Второто дело Перење пари е чист сензационализам и претпоставки”, рече во воведниот збор, адвокатот Давидовиќ.

Инаку парите во куќата на родителите на Ристов во Неготино беа откриени откако претходно беше уапсен адвокатот Фехми Стафа при земање мито за противзаконито влијание.

Парите биле спакувани во 13 пакети и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.

Обвинителството се сомнева дека судијата од 2020 година давал лажни податоци за својот и имотот на неговото семејство односно не пријавил имот кој ги надминува неговите законски приходи.

Во меѓувреме адвокатот Стафа се спогоди да одлежи 15 месеци затвор за примање наградата за противзаконито влијание откако беше фатен со 20.000 евра. Обвинителството тврдеше дека барал вкупно 100.000 за да влијае кај судија во Апелацискиот суд.