Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против судијата од скопскиот Апелационен суд, Ѓоко Ристов, за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот и перење пари.
Станува збор за судијата во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени 350.000 евра, заѕидани зад плочки во ѕид во кујната.
Обвинението доаѓа паралелно со спогодбата што во истиот корупциски случај ја постигна адвокатот и поранешен државен правобранител, Фехми Стафа, со обвинителството. Стафа се спогоди да одлежи 15 месеци затвор за примање наградата за противзаконито влијание откако беше фатен со 20.000 евра. Обвинителството го гонеше дека барал вкупно 100.000 за да влијае кај судија во Апелација.
„Иако во конкретниот случај адвокатот бил фатен ’ин флагранти‘ со дел од поткупот и тие пари не стигнале до судијата, јавниот обвинител презеде и повеќе други дејствија и претреси при кои на 18.01.2026 година во домот на родителите на судијата во Неготино, пронајде вкупно 350.000 евра за чие потекло тој нема доказ и не ги пријавил“, потсетуваат од ОЈО ГОКК.
Парите беа спакувани во 13 пакети и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.
Ова кај обвинителите влеа сомнеж дека судијата од 2020 година давал лажни податоци за својот и имотот на неговото семејство односно не пријавил имот кој го големи размени ги надминува неговите законски приходи.
Од ОЈО ГОКК потенцираат дека и понатаму ќе продолжат да ги истражуваат сите аспекти и сомнежи за корупција, како и евентуална вмешаност на други лицам во предметот.


