Поранешниот државен правобранител на Северна Македонија, Фехми Стафа, ќе одлежи затворска казна од 15 месеци за примање наградата за противзаконито влијание.
Против него беше поднесено обвинение во март откако заврши истрагата во која се гонеше бидејќи барал пари од осомничено лице за да посредува и „да го искористи своето реално влијание и да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје“.
Според обвинението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Стафа барал вкупно 100.000 евра, а во декември 2025-та беше директно фатен како зел 20.000 евра од вкупната сума.
„Соочен со доказите на обвинителството, обвинетиот целосно ги призна и прифати наводите во обвинението, по што побара да се спогоди за висината на кривичната санкција“, велат од ОЈО ГОКК.
Спогодбата била постигната вчера (16 април), а Основниот кривичен суд Скопје само ја верификувал. Во истиот момент, Стафа бил префрлен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за да ја одлежи казната.
„Имајќи предвид дека странките немаат право на жалба, одлуката станува правосилна веднаш и осудениот уште во текот на вчерашниот ден е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор ’Скопје‘ – Скопје за издржување на изречената казна“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје, денеска, 17 април.
Стафа беше адвокат на лицето Љупчо Пецов – Ѓаволот, обвинет во предметот „Синџир“ каде се опфатени над триесетина физички и правни лица за даночно затајување од околу 8 милиони евра. Тој наводно барал пари од Ѓаволот, по што следувала пријава до надлежните.
Случајот со Стафа ги исцрта контурите и за уште една корупциска афера од правосудството што беше обелоденета изминатиот период.
Станува збор за предметот со судијата Ѓоко Ристов од скопска Апелација, кој се гони за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“. Истовремно, додека Стафа се спогоди, ОЈО ГОКК денеска, 17 април, соошти дека поднело обвинение и за Ристов.
За потсетување, во рамки на истрагата за овој судија, во јануари беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во семејниот дом во Неготино, каде живеат родителите на Ристов. Истражителите парите ги најдоа скриени зад плочките залепени на ѕидот во кујната за кои Ристов и семејството негираат дека потекнуваат од поткуп и дека станува збор за перење пари.
Кој е Фехми Стафа?
Случајот со Стафа беше обелоденет додека тој работеше како адвокат, професија кон која се преориентира откако замина од Државното правобранителство.
Стафа беше на чело на оваа институција, која е задолжена за правна заштита на државата и нејзините имотно-правни интереси, во периодот од август 2018 до август 2022.
Во 2022-та, тој си поднесе неотповиклива оставка од „лични причини“ истиот ден кога тогашната Влада донесе одлука да го разреши.
Власта тогаш одлучи да го разреши откако Државното правобранителство на чело со Стафа беше посочувано како најодговорно за тоа што не можеше да се конфискува имот на компанијата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан.
Стануваше збор за имот вреден 17 милиони евра кој државата требаше да го заплени откако „Трансмет“ и Кочан беа осудени во случајот „Труст“ на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) отворен за незаконско добивање тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола во 2011 година.
Државното правобранителство, е еден од клучните играчи во случаите со конфискации на имот.
Стафа како прв човек на институцијата тогаш влезе во отворена јавна војна со поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми, поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, како и обвинители кои беа дел од СЈО, а го водеа предметот „Труст“.
Покрај проблемите со лоцирањето на движниот имот на Кочан и „Трансмет“, целата постапка околу конфискацијата тогаш беше поматена од стечајната постапка што беше отворена за „Трансмет“, во рамки на која имотот заврши кај доверители наместо кај државата.
Обвинителите тогаш беа децидни дека нивната надлежност завршила со правосилноста на пресудата, а во стечајната постапка која се одвиваше во меѓувреме, доверител е и државата која требало да го конфискува имотот и нејзин правен застапник е Државното правобранителство.
Државното правобранителство, пак, тогаш топката ја префрлаше кај обвинителите обвинувајќи ги за направени пропусти поради кои имотот останал оптоварен со хипотеки.
Финансиската полиција, тогаш на чело со Муареми, пак, отвори предистрага за стечајната постапка за „Трансмет“. Предметот го работеше во координација со ОЈО ГОКК.
За целиот случај, предмет отвори и претходниот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која утврди дека со намерно обезвреднување на имотот во постапката државата претрпела штета од најмалку 12 милиони евра.
Во мандатот на Стафа, антикорупционерите работеа и други случаи каде беше инволвирано Државното правобранителство. Меѓу нив, беше и случајот со ТВ презентерката Бесмира Ејупи, на која ДКСК утврди дека и биле исплатено речиси 250.000 денари за кои ДКСК тврдеше дека се за непостоечки ангажмани.
По заминувањето од Државното правобранителство, Стафа имаше амбиции повторно да се врати на државна функција конкурирајќи на огласот за нов државен правобранител во 2025 година. Обидот му беше безуспешен. Наместо на државно или адвокатско столче, следните месеци ќе ги помине зад решетки.


