„Благодарение“ на Љупчо Пецов – Ѓаволот во затвор заврши Фехми Стафа, адвокат и поранешен државен правобранител. А, тоа ги исцрта контурите и за уште една корупциска афера – случајот со судијата Ѓоко Ристов кому му се суди откако во домот на неговите родители беа пронајдени 350.000 евра, заѕидани зад плочките во кујната.
Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој се гонеше во предметот „Синџир“ поврзан со финансиски малверзации односно даночно затајување, признал вина и добил условна казна од две години затвор која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Пецов е познат и по тоа што „благодарение“ на него беа приведени адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа и апелациониот судија Ѓоко Ристов.
Пецов признал вина уште на 24 август, по што била донесена пресудата. Откако ниту една од странките – ниту тој ниту обвинителството, не поднеле жалба, пресудата станала правосилна пред три дена, на 21 септември.
„Воедно на обвинетиот му се изрекува и парична казна во износ од 8.000 евра, како и споредна казна Забрана за вршење на дејност – основач или управител на правно лице, односно да управува, раководи или располага со имот на правно лице во траење од 10 – десет години“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму велат дека при определување на казната судот „ја имал предвид и обврската за обезбедување процесна избалансираност во однос на останатите обвинетите во овој комплексен кривично – правен случај кои исто така ја признаа вината, ја надоместиле паричната штета и во раздвоените постапки им било изречена исто така алтернативна мерка“.
Фирмата поврзана со Пецов, ДУТУД А.К.А.П. ДООЕЛ, која како правно лице се гонеше во предметот, е веќе во стечај. Сепак, судот и изрекол парична казна од еден милион денари и забрани за добивање дозвола, лиценца и концесија, како и забрани за учество на државни тендери и за основање на нови фирми во рок од пет години.
Улогата на Ѓаволот во случаите со Стафа и Ристов
Фехми Стафа кој последните неколку години работи како адвокат, беше државен правобранител од август 2018 до август 2022. Од прв човек на институцијата која е задолжена за правна заштита на државата и нејзините имотно-правни интереси, си даде оставка истиот ден кога тогашната влада на СДСМ и ДУИ донесе одлука да го разреши.
Потегот за разрешување власта го презеде во период кога Државното правобранителство на чело со Стафа беше посочувано како најодговорно за тоа што не можеше да се конфискува имот на компанијата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан, вреден 17 милиони евра.
Стафа, кој е правник, потоа се префрли во адвокатурата, а еден од клиентите што ги бранеше беше токму Љупчо Пецов – Ѓаволот.
Ѓаволот, односно негов близок член на семејството, го пријави дека барал 100.000 евра, по што адвокатот беше директно фатен како зел 20.000 евра. Наводно парите биле за да се влијае кај судија во Апелација. Веднаш беше уапсен, а во април постигна спогодба со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Спогодбата беше 15 месеци затвор за примање наградата за противзаконито влијание.
Овој случај, како што посочуваа и од обвинителството, ги исцрта контурите за уште една корупциска афера од правосудството што беше обелоденета на почетокот на 2026.
Станува збор за предметот со судијата Ѓоко Ристов од скопска Апелација, за кого во тек е судски процес за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“.
За потсетување, во рамки на истрагата за овој судија, во јануари беа пронајдени 350.000 евра во домот на неговите родители во Неготино.
Обвинителството во обвинението не посочи дека пронајдените парите се поврзани со предметот со Љупчо Пецов – Ѓаволот и со Стафа, но уверува дека семејството на судијата нема доказ за нивното потекло.
„Иако во конкретниот случај адвокатот бил фатен ’ин флагранти‘ со дел од поткупот и тие пари не стигнале до судијата, јавниот обвинител презеде и повеќе други дејствија и претреси при кои на 18.01.2026 година во домот на родителите на судијата во Неготино, пронајде вкупно 350.000 евра за чие потекло тој нема доказ и не ги пријавил“, потсетија од Обвинителството при поднесување на обвинението против Ристов во април.
Истражителите парите ги најдоа скриени зад плочките залепени на ѕидот во кујната. Одбраната на Ристов и семејството од своја страна, негираат дека парите потекнуваат од поткуп и дека станува збор за перење пари туку тврдат оти станува збор за пари на родителите на судијата.


