Адвокатот Александар Варела, кој бил присутен на претресот во куќата на Здравко и Донка Ристови во Неготино, родители на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, денеска се појави како сведок на рочиштето во судскиот процес против судијата кој се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари.
Тој во детали зборуваше за деновите кога се правел претресот во рамки на истрагата, кога зад плочките во кујната беа пронајдени заѕидани околу 350 илјади евра.
Варела, сведочеше по предлог на одбраната на Ристов. Кажа дека претресот бил интензивен, истражители и полицијата доаѓале два дена. Тој раскажуваше како биле вадени плочките при претресот, првично не можело да се најде ништо, по што надлежните почнале да ги кршат и останатите додека не дошле до последниот ред каде се појавила дупка.
„Здравко, како човек што се најде изненаден, само рече, ‘ај биде’. Значи, биднало. Јас го прашав што е, тој само рече ‘ај’. Тогаш полицијата го праша што има таму за да знае да повика специјалисти. Тогаш Здравко рече – нема потреба, пари се. Полицајците тогаш почнаа да ги вадат на тој начин што мораше да се скрши дел за да се извадат. Ги вадеа и мислам дека извадија 13 пакувања. Полицаецот што цело време ја водеше работата одвреме-навреме се јавуваше и разговараше на страна, мислам се консултира со некој што и како да се работи. Кога ги најдоа парите, се повика лице од крим-техника да фотографира“, сведочеше адвокатот, јавува државната агенција МИА.
Тој кажа и оти кога го прашал таткото на судијата зошто не му кажал за парите, тој одговорил дека не знаел оти ќе одат толку далеку и оти не сакал децата да знаат дека има пари.
Тој рече дека кога го прашал Здравко колку пари има, тој без двоумење му кажал дека се над 300, 350 илјади евра што според адвокатот, дава до знаење дека знаел за парите.
Адвокатот беше првиот сведок на одбраната, откако Обвинителството заврши со сослушување на своите сведоци и со изведување на материјалните докази.
На следното рочиште повторно ќе сведочат лица по предлог на одбраната, меѓу кои и поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа.
Судскиот процес против Ристов започна на крајот на мај, а тој негираше вина.
Обвинението за него дојде паралелно со спогодбата што во поврзан корупциски случај ја постигна токму Стафа, кој по напуштањето на функцијата државен правобранител почна да работи како адвокат. Стафа се спогоди да одлежи 15 месеци затвор за примање наградата за противзаконито влијание откако беше фатен со 20.000 евра. Обвинителството го гонеше дека барал вкупно 100.000 за да влијае кај судија во Апелација.
„Иако во конкретниот случај адвокатот бил фатен ’ин флагранти‘ со дел од поткупот и тие пари не стигнале до судијата, јавниот обвинител презеде и повеќе други дејствија и претреси при кои на 18.01.2026 година во домот на родителите на судијата во Неготино, пронајде вкупно 350.000 евра за чие потекло тој нема доказ и не ги пријавил“, потсетија од Обвинителството при поднесување на обвинението против Ристов во април.


