Возилото на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, било запалено ноќта помеѓу неделата и понеделникот, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Околу 02:30 часот на територија на Карпош, било опожарено патничко возило ’пасат‘ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.Р. Од пожарот биле оштетени и патничко возило ’фолксваген туран‘, сопственост на Д.М., патничко возило ’сангјонг‘, сопственост на С.С. и деловен објект, сопственост на Г.Л.“, велат од МВР.
Огнот бил изгаснат од екипа на скопските пожарникари, а засега нема информации за евентуални виновници.
Ѓоко Ристов е судија во Апелацискиот суд Скопје, а стана осомничен, потоа и обвинет, во корупциска афера откако истражителите најдоа 350.000 евра во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари.
Обвинението за него дојде паралелно со спогодбата што во истиот корупциски случај ја постигна адвокатот и поранешен државен правобранител, Фехми Стафа, со обвинителството. Стафа се спогоди да одлежи 15 месеци затвор за примање наградата за противзаконито влијание откако беше фатен со 20.000 евра. Обвинителството го гонеше дека барал вкупно 100.000 за да влијае кај судија во Апелација.
„Иако во конкретниот случај адвокатот бил фатен ’ин флагранти‘ со дел од поткупот и тие пари не стигнале до судијата, јавниот обвинител презеде и повеќе други дејствија и претреси при кои на 18.01.2026 година во домот на родителите на судијата во Неготино, пронајде вкупно 350.000 евра за чие потекло тој нема доказ и не ги пријавил“, потсетија од Обвинителството при поднесување на обвинението во април.
Парите беа пронајдени соѕидани зад плочките од кујната во куќата на неговите родители во Неготино. Тие беа спакувани во 13 пакети и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра.
Судскиот процес започна на крајот на мај, а Ристов негираше вина.
Обвинителката Искра Хаџи Василева уверува дека ќе докаже оти парите во семејната куќа биле негови и стекнати со трговија на влијание, како и дека ќе докажува оти имало перење пари.
Адвокатот на Ристов, Ѕвонко Давидовиќ рече дела случајот е холивудско правно издржан филм и тврди дека ќе докажат оти парите се на неговите родители, а нивниот имот е легално стекнат.


