Интерпелација за министерот Иван Стоилковиќ

Објавено:

СДСМ поднесе интерпелација за поранешниот вицепремиер, сега министер за локална самоуправа во владата на Мицкоски – Иван Стоилковиќ, изјави Митко Трајчулески, пратеник од СДСМ.

„Време е за политичка одговорност на еден од извршителите на Вучиќ, на кинеските и руски агенди, за ширењето омраза и величењето воени злосторници“, рече Трајчулески.

Тој додаде дека основите на интерпелацијата се јасни: недозволиво и недолично однесување кон пратениците со што се руши достоинството на Собранието и политичко дејствување кое е спротивно на националните и стратешки интереси на Македонија.

„Стоилковиќ не им служи на граѓаните на Македонија, а за неговото останување во Владата директно е одговорен Христијан Мицкоски. Неговата поврзаност со српски разузнавачки структури и неговите јавни настапи и активности поврзани со Русија отвораат сериозно прашање: чии интереси застапува како член на македонската Влада?“, праша Трајчулески.

Според него, промовирањето спротивни геополитички агенди ја поткопува довербата кај сојузниците и им нанесува штета на нашите национални интереси.

„Го отвораме и прашањето за неговото патување во Кина и настапувањето со делегацијата на СНС и Вучиќ. Интерпелацијата ги опфаќа и содржините со кои се велича Ратко Младиќ, осуден за геноцид“, рече Трајчулески.