Стоилковиќ се нафрли со пцости кон двајца пратеници, реагира Спасовски

Објавено:

За говор на омраза и навреди вон демократските критериуми, ги обвини пратеничката група на СДСМ по премиерот Христијан Мицкоски и Иван Стоилковиќ кој досега беше вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, а со реконструкцијата на владата станува министер за локална самоуправа.

Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите, Оливер Спасовски, на вонредна прес-конференција во Собранието, каде се одржува седницата за изборот на нови министри, рече дека завладеала нервоза во моментите кога нивни пратеници зборувале за неуспесите на Владата изминатите две години, па Мицкоски и Столковиќ посегнале кон навреди. Мета биле пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулевски.

Според тврдењето на СДСМ, надвор од седницата имало и пцости.

„А, тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници не само вербално, туку и со пцости“, рече Спасовски.

Во делот од дебата на собраниската седница, премиерот Мицкоски реплицирајќи на Фатмир Битиќи, рече дека е полн со фрустрации и има мизогини карактерни особини.

Кога е во прашање дебата во однос на Стоилковиќ, меѓудрогото пратеникот Трајчулески го спомена во контекст на „српскиот свет“.

„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што ’српскиот‘ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини.“, истакна Трајчулески.

Губернатор, како што го нарече Трајчулевски по Стоилковиќ, е термин што се користел за административен лидер на некоја губернија во време на царска Русија.

Мицкоски, пак, ги отфрли обвинувањата за „српски свет“ и го обвини СДСМ за двојни аршини.

„Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоиљковиќ? Е, оваа Влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоиљковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство“, рече Мицкоски.

Од од пратеничката група на СДСМ бараат извинување поради навредите што велат дека ги претрпеле Трајчулевски и Битиќи кои ја критикувале Владата. Спасовски побара да реагира и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Инаку, Стоилковиќ кој е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, е верен партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој 22 години беше пратеник, а од 2024 премина во извршната власт како вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците во Владата на Мицкоски.

Тој важи за близок и до српската власт предводена од Српската напредна странка (СНС) и Александар Вучиќ, а е и еден од ретките политичари во земјава кој бил во посета на Русија откако започна руската инвазија во Украина во февруари 2022 година.