Седум нови имиња во Владата, и една рокада се предлага со реконструкцијата. Меѓу новите министри има универзитетски професор кој бил ангажиран и од Пендаровски од Џафери, општински советник, кадри образовани во Бугарија и Турција, министер што одлично зборува руски и бугарски, дипломиран доктор кој не работел во медицината, заменици-министри и национален координатор кои стануваат министри итн.
За вкупно осум министри во Владата на премиерот Христијан Мицкоски, денеска (13 јули) е последниот работен ден во министерствата што ги водеа изминативе две години.
Тие се опфатени со предлогот за реконструкција на Владата што доаѓа на половина од нејзиниот четиригодишен мандат. Седум од нив ќе заминат од Илинденска бр. 2, додека еден ќе ротира во нов ресор. Со тоа, седум нови имиња ќе седнат во министерски фотелји од денеска.
Реконструкцијата е точка на дневен ред на седницата на Собранието, која треба да почне денеска, 13 јули, околу пладне.
Според предлогот, од Владата заминуваат министрите за правда – Игор Филков, за земјоделство – Цветан Трипуновски, за локална самоуправа – Златко Перински, за култура – Зоран Љутков, за здравство – Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, како и министерот без ресор односно вицепремиер задолжен за имплементација на декадата на Ромите – Шабан Салиу.
Осмиот на списокот, е коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во Македонија, кој заминува од вицепремиерската позиција и Министерството за односи меѓу заедниците, но останува во Владата бидејќи е предложен да биде нов министер за локална самоуправа на местото на Перински од ВМРО-ДПМНЕ.
Која партија, кој ресор го отстапува, а кој го презема?
Најголемата владејачка партија го отстапува и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде на местото на Трипуновски треба да биде назначен Борче Серафимовски од ЗНАМ.
Оваа партија со реконструкцијата го губи Министерството за правда каде прв човек беше Филков. На негово место ќе застане предлог на ВЛЕН (Вреди) – Јетон Шасивари.
ВЛЕН, пак, го отстапува ресорот здравство каде Алиу треба да заменет со досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ. На негово место во ФЗО, пак, се очекува да дојде досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински.
ВМРО-ДПМНЕ исто така го презема Министерството за социјална политика, демографија и млади и со него ќе раководи досегашниот заменик-министер, Ѓоко Велковски. Тој ќе го наследи Фатмир Лимани, кој беше дел од ВЛЕН, но последните месеци е надвор од оваа коалиција која во меѓувреме прерасна во партија.
ВЛЕН од друга страна, покрај Правда, ги презема и Министерството за односи меѓу заедниците каде министер ќе биде Агон Ферати, како и Култра и туризам каде прв човек ќе биде Седат Сулејмани.
На местото на Шабан Салиу, вицепремиер и министер без ресор од партијата Демократски сили на Ромите, кој инаку како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување е меѓу обвинетите за пожарот во „Пулс“ во Кочани, ќе дојде кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Ерџан Демир ќе биде задолжен за Декадата на Ромите, а тој доаѓа како кадар на владејачката партија од нејзината општинска структура во Шуто Оризари.
Универзитетски професор, имал ангажман и кај Пендаровски и кај Џафери

За еден од клучните ресори, кои досега беше во рацете на ЗНАМ, ВЛЕН предложи експертско решение. Јетон Шасивари кој ќе биде министер за правда, најголем дел од кариерата досега ја поминал како професор на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово каде наставата ја изведува на албански, македонски и англиски јазик. Бил и продекан за настава на факултетот, како и член на универзитетскиот сенат.
Како предавач по уставно право се јавува и во Академијата за судии и јавни обвинители, а последните години бил ангажиран и од поранешните претседатели на државата Стево Пендаровски и од ексспикерот на Собранието, Талат Џафери. Пендаровски во март 2020 го ангажирал како експерт за стручно мислење и консултација во врска со прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата со ковид-19, додека од 2021 до 2023 му бил надворешен советник на Џафери во рамки на европскиот дијалог „Жан Моне за подготовка на новиот Деловник на Собранието.
Шасивари завршил правел факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, магистрирал во Приштина, а докторирал уставно и управно право на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Од советник во општина до министер

На истиот универзитет се образувал и Агон Ферати, но во областа на економијата, каде е магистар по бизис-администрација.
Во неговата биографија доставена во Собранието, освен ангажманот во Општина Тетово, нема друго искуство. Таму е вработен од 2012 и е советник за управување со проекти финансирани од ЕУ во Одделот за локален економски развој.
Неколку месеци имал ангажман како експерт за ЕУ поглавјето 8 – Политика на конкуренција во канцеларијата во Скопје на УНОПС.
Сега Ферати во неговата биографија ќе го запише и министерувањето во Министерството за односи меѓу заедниците.
Одлично зборува руски и бугарски, има факултетски дипломи од Бугарија и Македонија

Борче Серафимовски, пак, како кадар на ЗНАМ ќе го презеде Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој работи во ова Министерство од 2025 година и е на функцијата државен секретар.
Додека да дојде на оваа функција, од 2004 година работел на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе каде бил генерален директор односно заменик-претседател на Управниот одбор.
Тој е дипломиран дефектолог од Институтот за одбранбени и мировни студии при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, но има и дипломи од Бугарија. Таму, на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ – Варна, дипломирал бизнис-менаџмент. На Универзитетот „Неофит Рилски“ во Благоевград магистрирал по меѓународни односи, а докторирал по организациски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Велико Трново.
Во неговата биографија навел и неколку научни трудови што ги издал, како и дека покрај мајчиниот македонски, одлично чита, пишува и говори англиски, руски и бугарски јазик.
Доктор без стаж како доктор
Сашо Клековски, кој две години го водеше Фондот за здравствено осигурување, ќе биде нов министер за здравство. На јавноста познат претходно како политички аналитичар, Клековски всушност според образованието е доктор по медицина, студии кои ги завршил на Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје. Потоа, станал и магистер по бизнис администрација на Универзитетот Американ колеџ во главниот град.

Иако е дипломиран доктор, во неговата биографија нема наведено таков стаж туку работното искуство му е во други области.
Од 1994 до 2011 бил извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), работел во Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), бил предавач на Американ колеџ по предметот Претприемачки финансии, а во текот на кариерата работел и како консултант односно тренер ангажиран за анализи, евалуации, застапувања и обуки во земјава и странство.
Технички-министер и секретар во Град Скопје во мандат на Арсовска

За неговиот сопартиец, Ѓоко Велковски, кој ќе биде нов министер за социјална политика, демографија и млади, ова нема да биде прво министерско искуство. Тој беше дел од техничката влада во периодот од јануари до мај 2024 година како технички министер за труд и социјална политика.
По образование тој е дипломиран економист на катедрата за надворешна трговија при Економскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Од 2013 до 2021 работел во ова Министерство за труд и социјална политика на повеќе позиции. Тој излезе од министерството на крајот на 2021 и стана секретар на Град Скопје во мандатот на Данела Арсовска, која победи на тогашните локални избори беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Таму Велковски остана до средината на февруари 2023 односно замина откако Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ влегоа во јавни конфронтации. Потоа, краток период работел во Општина Гази Баба од каде се враќа во Министерството како технички министер.
По изборите во 2024, Велковски од позицијата технички-министер се назначува за заменик-министер за социјална политика, демографија и млади – позиција од која сега седнува во министерската фотелја.
Заменик и во владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ

Од заменик во министер се унапредува и Седат Сулејмани од ВЛЕН. Тој досега беше заменик на Љутков во Култура и туризам. Тој беше заменик-министер и во претходната влада на СДСМ и ДУИ во периодот од 2020 и 2021.
Во 2023, пак, бил советник во Општина Тетово за стручна, административна поддршка на општинскиот инспекторат. Претходно тој работел во приватниот сектор.
Сулејмани се школувал во Бурса, Турција каде на Универзитетот „Улудаг“ се стекнал со диплома за социолошки науки по педагошка теологија.
Национален координатор и дел од Управниот одбор на Комунална хигиена

Новиот министер без ресор, кој веројатно ќе биде задолжен за Декадата на Ромите, Ерџан Демир, на министерската позиција заминува од позицијата национален координатор на Владата за креирање и следење на национални стратегии и политики на немнозинските заедници.
Пред да биде ангажиран во Владата, бил член на Управниот одбор на Јавното претпријатие на Град Скопје „Комунална хигиена“ во мандатот на Данела Арсовска.
Претходното негово работно искуство наведено во биографијата покажува оти работел во невладиниот сектор како проектен менаџер, како и во неколку приватни компании каде бил координатор и управител.
Демир е дипломиран економист од Европскиот универзитет во Скопје.
22 години пратеник пратеник, две години вицепремиер

Иван Стоилковиќ, е осмиот министер што се назначува со реконструкцијата на Владата, но тој не доаѓа однадвор туку се сели од еден ресор во друг. Од Министер за односи меѓу заедниците и вицепремиер, сега ќе биде министер за локална самоуправа.
Работното искуство во биографијата на Стоилковиќ не е долго. Тој десет години бил во приватниот сектор како основач и директор на приватно градежно претпријатие, а од 2002 година, па се до 2024 е пратеник во Собранието. По изборите пред околу две години, законодавната ја заменик со извршната власт станувајќи дел од Владата на Мицкоски.
Столковиќ кој е лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, важи за верен сојузни на ВМРО-ДПМНЕ.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ беше избрана во јуни 2024, по парламентарните избори што се одржаа во мај истата година.


