Пратениците од владејачкото мнозинство ја изгласаа реконструкцијата на Владата со која се прават промени на осум министерски места.
Финишот на седницата помина само со присуство на власта додека пратениците од опозицијата ја напуштија седницата откако не добија извинување поради навредите, што тврдат, ги добиле од премиерот Христијан Мицкоски и Иван Стоилковиќ, новиот министер за локална самоуправа.
Осумте нови министри добија по 69 гласа „за“ доцна вечерта на собраниската седница што започна претпладнето на 13 јули. Тие веднаш дадоа заклетва и од утре ќе ги преземат функциите.
Станува збор за: досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ) кој стана нов министер за здравство; универзитетскиот професор Јетон Шасивари избран за министер за правда; Борче Серафимовски (ЗНАМ) за министер за земјоделство откако досега беше државен секретар во ова Министерство; досегашните заменици во социјална политика и во култура и туризам – Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ) и Седат Сулејмани (ВЛЕН) отсега ќе бидат министри; а националниот координатор Ерџан Демир ќе биде министер без ресор, кој веројатно ќе биде задолжен за Стратегија за инклузија на Ромите.
Досегашниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, се сели во Министерството за локална самоуправа, додека нов министер за односи меѓу заедниците е Агон Ферати.
Нова енергија или само замена на имиња
Премиерот Мицкоски, кој предлогот за реконструкција претходно го усогласи со коалиционите партнери од ВЛЕН и ЗНАМ, на собраниската седница рече дека новите министри значат и нова енергија. Тој немаше критики за старите министри што претходно во текот на денот мораа да бидат разрешени за да се изберат новите.
„Пред вас стои предлог за нова енергија. За ново темпо. За нова фаза во развојот на државата. За Влада која нема да биде задоволна со постигнатото, туку ќе биде гладна за нови резултати. Не затоа што се откажуваме од досегашниот курс. Туку затоа што сакаме тој курс да биде уште побрз, уште поефикасен и уште поодлучен“, рече Мицкоски.
За опозицијата, пак, реконструкцијата е признание на премиерот и власта за неуспесите и неспособноста на досегашното двегодишно владеење.
Лидерот на СДСМ, Вено Филипче, рече дека ова е само замена на имиња и граѓаните не може да очекуваат буквално ништо од промените во Владата.
„Нема еден сектор во кој има некакви добри резултати. Нема една група на луѓе во државава која виде бенефит од оваа власт. Државата е целосно блокирана. Граѓаните тонат во сиромаштија. Цените растат без контрола. Нема раст на платите. Стандардот тоне. Ние останавме слепо црево на Балканот и во Европа“, оцени Филипче.
Барања за извинувања, напуштање на седницата и извинување
Седницата за реконструкција на Владата, Собранието ја започна околу 11:30 часот, но таа имаше неколку прекини и на моменти тензична атмосфера. Опозицискиот СДСМ реагираше дека премиерот Мицкоски и старо-новиот министер Стоилковиќ упатувале навреди, а Стоилковиќ дури и пцости кон пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески.
„Оние што доаѓаат однадвор не смеат да внесуваат агресија и насилство во Собранието. Треба да извлечеме поука од сè што се случувало во овој законодавен дом и никогаш повеќе да не дозволиме вакви сцени да се повторат“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пред да ја напуштат седницата.
Седницата ја напуштија и ДУИ, како и останатите опозициски пратеници.
Мицкоски, пак, на крајот од седницата, пред да дојде до гласање упати извинување.
„Сакам да се извинам на вас, на пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори“, рече премиерот.
Претходно во дискусијата пред опозицијата да ја напушти седницата, Трајчулески го прозва Стоилковиќ, кој е лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, дека е претставник на „српскиот свет“ во Македонија.
„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што ’српскиот‘ свет во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини.“, истакна Трајчулески.
Мицкоски, пак, ги отфрли обвинувањата за „српски свет“ и го обвини СДСМ за двојни аршини.
„Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоиљковиќ? Е, оваа Влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоиљковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство“, рече премиерот.
Досега на министерските позиции што беа опфатени со реконструкцијата беа: Азир Алиу – министер за здравство; Цветан Трипуновски – за земјоделство; Зоран Љутков – за култура и туризам; Игор Филков – за правда; Фатмир Лимани – за социјална политика, демографија и млади; Шабан Салиу – вицепремиер и министер без ресор задолжен за Стратегија за инклузија на Ромите.
Реконструкцијата што ја прави Мицкоски на владиниот кабинет доаѓа на половина од неговиот четиригодишен мандат како премиер откако беше избран на функцијата во јуни 2024 година.


