Пратениците во Собранието го изгласаа разрешувањето на осумте министри што ги предложи премиерот Христијан Мицкоски. Осум од нив, заминуваат од Владата, додека еден ќе направи рокада – Иван Стоилковиќ од вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците ќе замине во Министерството за локална самоуправа.
Останатите седум што се разреши се министрите за: правда – Игор Филков, за земјоделство – Цветан Трипуновски, за локална самоуправа – Златко Перински, за култура – Зоран Љутков, за здравство – Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, како и министерот без ресор односно вицепремиер задолжен за имплементација на декадата на Ромите – Шабан Салиу.
Нивното разрешување беше поддржано со повеќе од двотретинско мнозинство – „за“ гласаа од 83 до 95 пратеници, зависно за кој функционер стануваше збор.
За разрешувањето на шестмина министри, немаше ниту еден глас „против“ или „воздржан“, но тоа не беше случај со двајца други.
Против разрешувањето на министерот за здравство Азир Алиу гласаа тројца пратеници, а тројца гласаа воздржано. Еден глас „против“ имаше и за разрешувањето на Фатмир Лимани од министер за социјална политика, демографија и млади. Сепак, и тие беа зразреши со 86 односно 85 гласа „за“.
Во дебата за нивното разрешување, дел од пратениците од опозицијата посочија дека оваа реконструкција повеќе наликува на подготовка за предвремени парламентарни избори што треба да се случат пролетта 2027, како и дека ова е дефокус од реалните проблеми.
Дел од пратениците се фокусираа токму на ресорот здравство.
„Проблемот не е само фигурата или министерот. Туку министерот за здравство немаше поткрепа од партијата што го донесе тука и ја немаше поддршката од власта како што треба … Најголема жртва во овие две години беше здравството. Што може да направи еден министер кога проектите му остануваат без финансирање, кога нема политичка поддршка, кога не се реализираат вработувањата што ги бара од Министерството за финансии, кога секоја одлука поминува низ партиски филтер … Идните министри што ги предлагате не ги оставајте вака сами, не е болно за министерот, болно е за државата“, рече пратеникот Илир Хасани од ДУИ.
Јована Мојсоска од Левица, рече дека ова е трет министер за здравство што „дочекавме да назначиме за две години, а лицата што имаат хемофилија уште имаат проблем со лекот“.
„Добивме повеќе министри за здравство отколку што се изградени клинички центри за 35 години“, рече Мојсоска додавајќи дека тоа покажува оти овој ресор се перципира само за делење на партиски колач, а не и за напредок.
Премиерот Мицкоски, пак, им се заблагодари на досегашните министри.
„Денес не се збогуваме со луѓе кои не работеле. Напротив. Денес им оддавам признание на луѓе кои во различни околности, во различни ресори и со различни предизвици дадоа свој придонес во реализацијата на програмата за која граѓаните ни ја дадоа довербата“, рече Мицкоски.
По разрешувањето, собраниската седница продолжи со дебатата за предлогот за нови министри.
Според бројот на пријавени пратеници, претседателот на парламентот Африм Гаши искоментира дека ќе има „плодна дебата“.
Предлогот на премиерот Христијан Мицкоски, усогласен со партнерите од ВЛЕН и ЗНАМ, предвидува за нови министри да бидат избрани: досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ) за министер за здравство; универзитетскиот професор Јетон Шасивари за министер за правда; Борче Серафимовски (ЗНАМ) за министер за земјоделство откако досега беше државен секретар во ова Министерство; досегашните заменици во социјална политика и во култура и туризам – Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ) и Седат Сулејмани (ВЛЕН) да станат министри; а националниот координатор Ерџан Демир да биде министер без ресор, кој веројатно ќе биде задолжен за Декадата на Ромите.
Иван Стоилковиќ, пак, од Министерството за односи меѓу заедниците ќе се пресели во Министерството за локална самоуправа. Министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати.
ВМРО-ДПМНЕ исто така го презема Министерството за социјална политика, демографија и млади и со него ќе раководи досегашниот заменик-министер, Ѓоко Велковски. Тој ќе го наследи Фатмир Лимани, кој беше дел од ВЛЕН, но последните месеци е надвор од оваа коалиција која во меѓувреме прерасна во партија.


