Еден министер помалку, и еден пратеник повеќе во владејачкото мнозинство е конечниот исход од реконструкцијата на половина мандат на владината коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ, Влен и ЗНАМ.
Во првата фаза од реконструкцијата се очекуваат околу осум персонални измени во владиниот состав, со цел, како што велат, консолидирање на капацитетите на извршната власт. Но според правилата на игра се наметнува прашањето дали вечерва ќе биде направена реконструкција или пак ќе се случи предлог избор на нова влада.
„Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада“, е наведено во македонскиот Устав.
Разликата е во процедурата, односно начинот на кој се избираат новите функционери.
За реконструкција се менуваат помалку или точно една третина од вкупниот број министри од почетниот состав, што во овој случај значи осум министри, при што Премиерот поднесува предлог за разрешување и предлог за избор на новите министри. Собранието расправа и гласа посебно за секој поединечен министер со просто мнозинство.
Додека избор на нова влада со ист премиер настанува кога е предлага замена на повеќе од една третина од министрите со што се преминува уставниот праг. Иако премиерот останува ист, Собранието не гласа за поединечни министри, туку целата процедура се одвива како за избор на сосема нов владин кабинет.
Што се менува со реконструкцијата?
Се укинува вицепремиерската позиција за добро владеење. Таа претходно му припаѓаше на претставник на Влен, Арбен Фетаи кој поднесе оставка на 1 јуни годинава, откако околу три месеци, според изјавите на претставници на владата, не се појавуваше на владини седници.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во владејачкото мнозинство ќе се придружи Турската демократска партија (ТДП) за влез во владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија во моментов има еден пратеник во Собранието.
„Разговараме за подолг период, стратешко партнерство кое би траело до локалните избори во 2029 година. Со ова дополнително ќе се зголеми владиното мнозинство,“ изјави Мицкоски во интервју на телевизиската емисија „Директно“ на Телма.
Едно министерско место плус во својот владејачки список доби коалицијата Влен. Се откажа од министерството за здравство и социјална политика на сметка на министерството за правда, култура и односи со заедниците. Непроменети ќе им останат министерствата за евроинтеграции и животна средина со која раководат Сали и Мухамед Хоџа. На местото на министер за култура ќе биде назначен Седат Сулејмани кој досега ја извршуваше функцијата заменик-министер, и со тоа ќе биде сменет Зоран Љутков од ВМРО ДПМНЕ.
Министерствата за здравство и социјална политика сега преминуваат во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. На местото на Алир Азири ќе дојде досегашниот директор на Фондот за здравство Сашо Клековски, а неговата функција ќе ја преземе досегашниот министер за локална самоуправа Златко Пирински. Второто министерство кое го презема ВМРО-ДПМНЕ од Влен ќе биде пополнето со Ѓоко Велковски на местото на досегашниот Фатмир Лимани.
ЗНАМ го „трампаше“ Правда за Земјоделство
ЗНАМ го загуби министерското место во Правда, и на местото на Игор Филков ќе седне кадар на Влен, универзитетскиот професор Јетон Шасивари. Во трампата, ЗНАМ го добив Министерството за земјоделство кое до сега му припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ а го предводеше Цветан Трипуновски. На неговото столче ќе седне досегашен државен секретар и потпретседател на ЗНМ Борче Серафимовски.
Министерството за јавна администрација и натаму ќе го води Горан Минчев, кој исто така е кадар на ЗНАМ.
„Актуелниот министер за јавна администрација Горан Минчев во изминатите две години покажа дека реформите можат да се реализираат со знаење, визија и политичка одговорност“, рече лидерот на ЗНАМ.
За промената во министерството за односи меѓу заедниците, потврда пристигна вчера во кус пост на социјалната мрежа Фејсбук од актуелниот министер Иван Стоилковиќ од Демократската Партија на Србите.
„Пред веќе извесното заминување од МОЗ нека остане забележано дека од “сива зона” на системот денеска Министерство со нова систематизација средено и организирано го оставам на мојот наследник”, напиша тој.
Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 , Шабан Салиу ќе ја напушти функцијата и на негово место се очекува да биде поставен претставник од ВМРО-ДПМНЕ Ерџан Демир. Салиу беше уапсен на 12 април 2025 година поради поврзаност со пожарот во дискотеката во Кочани, поради непреземање на работни дејства како директор на Дирекцијата за спасување и кризи.
Опозицијата не очекува промени во владењето по реконструкцијата
Замена на неколку имиња во Владата нема да донесе никаква промена за граѓаните, затоа што проблемот се политиките на оваа неспособна и криминална власт, оцени опозициската СДСМ.
Според нив, оо две години владеење, Владата на Христијан Мицкоски не испорача ниту економски резултати, ниту повисок животен стандард, ниту правда, ништо.
„Во тендер-коалицијата ништо суштински не се менува. Театарот е ист, глумците се исти. Старите политики остануваат, старите практики продолжуваат, а новите имиња се само нова амбалажа за истото неуспешно владеење, на истото старо, корумпирано владеење, кое продолжува да произведува нови скандали, нови криминални тендери и нови разочарувања за граѓаните“, велат од партијата.
Генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека ВЛЕН нема политичка моќ во извршната власт и тврди дека имињата на министрите Албанци ги диктира ВМРО-ДПМНЕ, при што го спомена и името на Јетон Шасивари.
„Со или без реконструкција, ВЛЕН нема сила во Владата. Тие немаат моќ, немаат потенција – тоа и самите го кажуваат и го промовираат. Немаат поддршка од народот, туку се таму за да ги реализираат интересите на некој друг. Слушам дека ВМРО-ДПМНЕ ги предлага и имињата на министрите Албанци кои доаѓаат од ВЛЕН. Не ги предлага ВЛЕН. Еден од нив е Јетон Шасивари, по инсистирање на Каракамишева и на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Арбр Адеми, потпретседател на ДУИ.
Реконструкција доаѓа на половина од мандатот на Владата на премиерот Христијан Мицкоски која беше избрана на 23 јуни 2024 година со 77 гласа „за“.


