Граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигнуваат пари од шалтерите на „Алта банка“ и до среда ќе бидат известени за оваа можност, најави Трајко Славески, гувернер на Народната банка (НБРМ), во гостување на телевизија Телма, откако денеска и вчера граѓани се жалеа дека не можат да си ги подигнат пензиите од „Алта банка“ затоа што немаат платежна картичка или не знаат да вадат пари од банкомат.
Претходно пак, банката извести дека шалтерите нема да работат до ново известување.
Славески кажа дека се прави список на граѓаните без картички, меѓу кои има околу 3.500 пензионери.
„Ќе ја промениме одлуката само за нив, заради логистика, односно да не доаѓаат почесто, да можат да подигнат поголема сума. На пример, со едно одење на шалтер да можат да подигнат 20 000 денари, кое би покрило две недели“, рече Славески.
НБРМ постави лимит до 10.000 денари неделно – толку граѓаните ќе можат да подигаат пари од своите сметки во „Алта банка“. Славески кажа дека сумата од 10.000 денари неделно е определена според висината на просечната плата и на просечната пензија во земјава.
„Целта е средствата на банката да се доведат во редовна состојба. Во ноември ќе имаат пет можности за подигање на 10.000 денари. Тоа се 50.000 денари. Тоа е повеќе од доволно затоа што имаме вонредна ситуација“, рече гувернерот на Народна банка и им порача на граѓаните да бидат трпеливи додека состојбата да се надмине.
Претходно, опозицискиот СДСМ побара Фондот за пензиско осигурување (ПИОМ) да не ги исплаќа пензиите на сметките во „Алта банка“ со цел да се заштитат пензионерите и да им се овозможи сигурен пристап на граѓаните до нивните средства.
Генералниот секретар на СДСМ, од Битола рече на втори во месецот, „пензионерите остануваат без пензии, експозитурите се затворени, банкоматите се празни, нема картички“.
„Ниту тие 10.000 денари немаат како да ги извадат. Луѓе без картички не можат да стигнат до своите пари бидејќи експозитурите не работат. Многу банкомати се празни, а на другите се чека со часови. Сметки, струја, греење, храна, лекови. Ако се сака да се заштитат штедачите, треба да им се дозволи да си ги подигнат своите заштеди во целост. Но оваа криминална власт им за цел да го заштити капиталот на криминалците, на сметка на гаѓаните чии депозити се заробени“, рече Димитријевиќ.
Пред два дена, Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“-Белград. Откако Народната банка на Србија ја започна стечајната постапка, неправилности во работењето на „Алта група“ беа пријавени и во Северна Македонија и во Црна Гора.
Народната банка на Македонија воведе привремена управа во „Алта банка“ – Битола и ги ограничи исплатите за граѓаните на 10.000 денари неделно. Во меѓувреме, се отвора и прашањето за судбината на парите на штедачите, физичките лица и фирмите, како и за одговорност за пропаѓањето на банката.


