Приведен Давор Мацура, сопственикот на Алта банка

Објавено:

Како што јавуваат повеќе српски медиуми, синоќа бил приведен сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура.

Во написите се потсетува дека Народната банка на Србија поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против правното лице „Алта банка“ а.д. Белград и неколку одговорни лица на таа банка, која беше прогласена за банкротирана.

Обвинителството, според написите, наведува дека кривичната пријава им е доставена по е-пошта, и дека од Министерството за внатрешни работи и Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК) е побарано итно да дејствуваат и да го проверат целото работење на банката и сите околности што доведоа до одземање на дозволата за работа.

На денешната седница, Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ а.д. Белград.

Народната банка на Србија претходно објави дека Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник со судска одлука.

Пред два дена, Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, која е во стопроцентна сопственост на Давор Мацура.

Тој ја започнал својата кариера како сопственик на една менувачница во Земун, во населбата Алтина.

Медиумите со години го опишуваа како бизнисмен близок до Српската напредна партија (СНС), иако нема потврда дека е нејзин член.

Откако Народната банка на Србија ја започна стечајната постапка, неправилности во работењето на „Алта група“ беа пријавени и во Северна Македонија и во Црна Гора.

Во меѓувреме, се отвора и прашањето за судбината на парите на штедачите, како и за одговорноста за пропаѓањето на банката.

За само седум години, Алта банка од мала наследничка на југословенската ЈУБМЕС банка прерасна во институција на која најголемите државни претпријатија ѝ ги доверувале парите на граѓаните.