По Груби, на „Блаце“ се предаде и ексдиректорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами

Објавено:

Поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, кој се бараше со меѓународна потерница, е уапсен утрово од македонските безбедносни органи.

Министерството за внатрешни работи потврди дека утрово во 5:35 часот сам се пријавил на граничниот премин со Косово, „Блаце“.

Бајрами веднаш е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје.

Тој, заедно со поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, е меѓу главните осомничени за злоупотреби направени во „Државна лотарија“. Покрај Груби и Бајрами, во случајот „Државна лотарија“, обвинети се и поранешниот генерален секретар на владата Методија Димевски, како и лица во управните тела на Лотарија, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

Покрај Бајрами, во бегство беше и Груби, кои заминаа во Косово кога беше отворена истрагата во декември 2024. Поранешниот вицепремиер се предаде на ист начин на „Блаце“ во февруари 2026 година.

Судењето за овој предмет почна неделава и сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, единствено обвинетиот Башким Авдиу изјави дека не го разбира обвинението што му се става на товар и побара да му биде доставено писмено на неговиот мајчин, албански јазик.

На сега уапсениот Бајрами кој беше недостапен на органите за прогон и него почна да му се суди во отсуство.

Обвинението се однесува на тоа што била однесена одлука да се набават видеолотариски терминали и со нив да се приредуваат електронски игри на среќа. Меѓутоа, за такво нешто Државна лотарија немала право бидејќи во 2013 тоа право било вложено на Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнала со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

Сепак, според обвинителниот предлог, Бајрами во улога на генерален директор и претседател на Управниот одбор, до генералниот секретар на Владата доставил информација дека е потребно купување на терминали за приредување електронски игри.

Генсекот на владата, пак, таквата информација ја доставил на разгледување на дневен ред на седница на Владата наместо да ја врати назад во државна Лотарија.

Груби, во својство на вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија, предложи оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата“, тврди ОЈО Скопје.

Последни објави