Граѓаните може да запишат обврзница до 1 декември, минимумот е 10.000 денари

Објавено:

Граѓански обврзници од четвртата емисија, граѓаните можат да запишат до 1 декември во филијалите и експозитурите на деловните банки во земјата, соопшти Министерството за финансии.

„Граѓаните можат да запишат минимум една Граѓанска обврзница во износ од 10.000 денари. Каматната стапка на граѓанската обврзница од оваа емисија е 4,6% и рок на доспевање 2 години. Датумот на достасување на обврзниците е 11 декември 2028 година“, наведуваат оттаму.

Исплатата на каматата за првата година ќе биде на 11 декември 2027, додека на втората на 11 декември 2028 година.

„Проспектот е објавен на 100 милиони денари. Аукцијата за 4-тата емисија Граѓанска обврзница ќе се реализира на 3 декември“, додаваат од Министерството за финансии.

Граѓанска обврзница во пракса значи дека државата позајмува пари од граѓаните, наместо да се задолжува само кај банки и други финансиски институции. Тоа значи дека граѓаните вложуваат од свои пари во државата односно и ставаат на располагање одредена сума, а државата се обврзува да ги врати по одреден временски период, заедно со камата. Во овој случај, таа е на две години со годишна камата од 4,6%.

Министерството за финансии досега има издадено три емисии Граѓански обврзници. Првата беше издадена на 13 јули 2023 во износ од 23,5 милиони евра. Втората на 7 ноември 2023 во износ од 17,6 милиони евра, додека третата емисија на 12 декември 2025 година во износ од 33 милиони евра.

Граѓанските обврзници од првата и втората емисија заедно со каматата се исплатени во целост.