Повеќе пари за капитални проекти од стратешко значење за државата, инвестиции во инфраструктурата, земјоделството, образованието, енергетиката. Повеќе капитални расходи, но истовремено стабилна приходна страна. Инфлација од 4, 5 проценти и јавен долг не повисок од 60 отсто од БДП. Вака накратко изгледа прекроената државна каса која денеска, 23 јуни, доби зелено светло од Владата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ги презентираше усвоените измени во буџетот, истакнувајќи дека фокусот е да се обезбеди поквалитетен живот за граѓаните.
„Ребалансот го подготвивме во услови кога на Македонија и е потребен забрзан раст и политики кои ќе гарантираат развој, и затоа фокус е реализација на капитални инвестиции кои ќе донесат поквалитетен живот за граѓаните“, рече министерката за финансии на денешната прес конференција.
Со ребалансот, вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари во однос на иницијалниот буџет за 2026 година. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари.
Вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари, во однос на иницијално планираното ниво, а дополнителните средства се насочуваат обезбедување средства за земјоделски субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку социјалните надоместоци, народните кујни и мерките за деинституционализација.
„Речиси и да нема кратења кај министерствата или е минимално тоа кратење. Министерството за животна средина добива најмногу средства и тука има обезбедено 2, 3 милијарди денари од кои 1 милијарда проширивме од нивните сопствени сметки. По него следува Министерство за транспорт и врски каде има зголемување на капитални расходи од 1, 4 милијарди денари, потоа следуваат Министерството за образование, за здравство и Државната изборна комисија (ДИК)“, рече првата жена во финансии.
Буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарди денари или 4,1 проценти од БДП. За првпат, како што истакна министерката, зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата и истиот ќе се финансира со домашно и странско задолжување.
Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.
Министерството за финансии, на крајот на април ја објави состојбата на јавниот долг за првиот квартал од 2026 година. Тој изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7 проценти од БДП и бележи намалување за 1,5 п.п во споредба со состојбата на 30 јуни 2024.
Кога станува збор за задолжувањата, актуелната Влада повторува дека има голем предизвик со сервисирање стари обврски, кои се реализирани во минатото, а достасуваат во овие четири години. Минатата година била реализирана отплата на еврообврзницата од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврницата од 700 милиони евра. Половина од оваа еврообврзница веќе е сервисирана, а половина треба да се сервисира во текот на јуни 2026 година.
Премиерот негираше дека ликвидноста на државата е доведена во прашања посочувајќи дека треба да се остават настрана коментарите на опозицијата.
СДСМ: Во буџетот нема пари, дефицитот ќе расте
И додека Владата оценува дека ребалансот претставува „одговорно и флексибилно управување со јавните финансии“ во услови на економски предизвици, став на опозицијата е дека ребалансот не е развоен, туку претежно потрошувачки и не носи нова економска вредност.
Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека наспроти тврдењата на власта за рекорди и успеси, буџетскиот дефицит расте, државата се задолжува се повеќе, а реформската агенда касни.
„Целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината. Со најавениот ребаланс, Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот, и покрај претходните ветувања дека ќе го намалува. Ова не е изненадување. Тоа е директна потврда на она што СДСМ го предупредуваше уште од почетокот на мандатот на оваа Влада“, велат од СДСМ.
Додаваат дека јавниот долг за две години е зголемен за над 2,5 милијарди евра и се зголемува на 11 милијарди евра.
Инаку Собранието на 22 јули го усвои ребалансот на буџетот за 2025 година со 65 гласа „за“ и 14 „против“. Со ребалансот, вкупните приходи беа проектирани на 362,4 милијарди денари, а расходите на 403,7 милијарди денари, при непроменет буџетски дефицит од 4 проценти од БДП.
Речиси и да нема година во која нема ребаланс на државната каса.Најчеста причина за тоа е буџетскиот дефицит. Стручната фела сугерира дека е проблематично тоа што трет пат властите го одложуваат правилото за буџети, дефицитот да не надминува 3% од БДП. Според експертите, секое одложување значи повеќе камати и поголема изложеност на ризик при нови фискални шокови.
Буџетската политика во континуитет е една од главните точки на судир меѓу власта и опозицијата. Речиси секој ребаланс на буџетот е проследен со спротивставени оценки – власта тврди дека измените се неопходни за поддршка на економијата, реализација на капитални инвестиции и исполнување на обврските кон граѓаните, додека опозицијата најчесто обвинува за прекумерна потрошувачка, недоволна реализација на инвестициите и зголемено задолжување.


