„Излажани граѓани“ или „меѓу петте најдобри економии“ – прозивки за две години Влада на Мицкоски

Објавено:

Граѓаните не добија ни повисок стандард, ни поквалитетен живот ниту подобри услови за живот. Едноставно граѓаните се излажани.

Вакви обвинувања на адреса на владата предводена од Христијан Мицкоски упати лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, по повод две години од формирањето на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН (ВРЕДИ) и ЗНАМ, додека од најголемата владејачка партија велат дека реализирале бројни проекти и политики.

„Имено после две години од мандатот на оваа влада реализирани се само околу 10% од ветувањата. 90% од ветувањата дадени пред две години не се исполнети. Практично ништо“, истакна Филипче.

„Мицкоски не сака да слушне за минималец од 600 евра“

venko-filipce-sdsm
Венко Филипче / Фото: СДСМ

Според него наместо поголем стандард, работниците добиле зголемена сиромаштија, а странските инвестиции се намалени за скоро две третини.

„Инфлацијата од 4,8% е скоро двојно поголема од тоа што го предвидуваа во нивната предизборна платформа. Храната е скапа, на годишно ниво поскапувањето е околу 10%“, вели лидерот на СДСМ кој потсети и оти основната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство е 70.000 додека Мицкоски не сака да слушне за минимална плата од 600 евра.

Ниту една мерка, според анализата на социјалдемократите не е реализирана ниту за младите, а кога се во прашање малите земјоделци откупот е намален за 46%

Филипче зборуваше и за евроинтеграцијата обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ донела изолација на тој план и не спроведува никакви реформи.

„Работиме неуморно, имаме над 2.000 проекти за две години“

vlada-foto-
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ беше избрана на 23 јуни 2024 г. / Фото: Влада

Додека лидерот на СДСМ обвинува, ВМРО-ДПМНЕ во реакција се пофали дека Владата работи неуморно и реализирала над 2.000 проекти за неполни две години и тоа придонело за економски раст, инфраструктурен развој и подобар животен стандард.

Од партијата ги повторија изјавите на премиерот Мицкоски дека Македонија е меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа според растот на БДП, а странските инвестиции достигнале рекорди 1,255 милијарди евра.

„Економските показатели покажуваат раст на БДП од над 3% во 7 последователни квартали. Отворени се 17.000 нови работни места, стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, а стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%. Оперативниот план за 2026 година, тежи 40 милиони евра, а 32 милиони од нив се насочени токму за вработување, што ја изразува посветеноста на Владата за намалување на невработеноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Просечната плата, според владејачката партија, е зголемена за 19,6%.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека тие за првпат навреме обезбедиле учебници за секое дете, дека доделиле 55.000 ваучери од по 250 евра за студентите, како и оти обезбедиле грантови од 10.000 евра за сопствен бизнис и за млади земјоделци.

Партијата нагласува и оти работи активно на дигитална трансформација на државата, како и на тоа да се укине роамингот со Европската Унија.

Каде се напредува, а каде заостанува – што покажува мониторингот

Во пресрет на две години од Владата, на 17 јуни група невладини организации ги презентираа своите анализи за тоа што остварила владата. Станува збор за мониторинг рамката КОМПАС преку која се системски се следат владините ветувања од страна на невладината организација „Фајнанс тинк“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво-Здружение за интерсекторска соработка и Младинскиот образовен форум.

Преку КОМПАС тие следат до каде е исполнувањето на 142 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: економија и социјални прашања, образование, здравство, млади и родова еднаквост.

„По две години, КОМПАС регистрира мешана, но сепак позитивна слика на вкупно ниво. Речиси половина од ветувањата (48%) покажуваат некаков напредок – 25 се целосно реализирани (18%, подобрување од 5 п.п. во споредба со претходната година), а 43 се во насока на исполнување (30%). Сепак, 55 ветувања (39%) сè уште не покажуваат напредок, 9 (6%) се движат во спротивна насока, а за 10 (7%) сè уште нема доволно јавни податоци за оценка“, наведоа невладините во соопштение на 17 јуни.

grafika-ispolneti-vetuvanja-dve-godini-vlada-finance-think
Исполнети ветувања на Владата / Извор: Мониторинг рамка КОМПАС / „Фајнанс тинк“

Зад ваквата просечна слика, потенцираат од „Фајнанс тинк“ се кријат длабоки разлики меѓу областите. На пример, образованието е несомнен лидер со 32% исполнети ветувања и 58% кои се во насока на исполнување додека од друга страна во областа родова еднаквост нема ниту едно исполнето ветување.

Социо-економскиот домен, пак, покажува поделена слика: макроекономските показатели се движат во задоволителна насока, но социо-економските политики систематски заостануваат. Здравството и политиките за млади се на средина, со умерен напредок проследен со значителни неисполнети обврски.

Актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ беше изгласана на 23 јуни 2024 откако претходно на 8 мај беа одржани парламентарни избори.