Со 65 гласа „за“, 14 „против“ и ниту еден воздржан Собранието денеска го донесе Законот за задолжување за општи буџетски потреби, според кој земјава ќе позајми 260 милиони евра од пет странски банки.
Новото задолжување пред пратениците во законодавниот дом го образложи заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, наведувајќи дека заемот ќе се користи за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти и за враќање на старите долгови, меѓу кои и еврообврзницата од 700 милиони евра, земена во 2020 година.
Каматата, како што е наведено во Законот, ќе биде варијабилна, а пресметана врз основа на шестмесечниот ЕУРИБОР зголемен за 2,1 отсто. Заемот ќе се повлече во една транша согласно роковите и условите утврдени во Договорот.
Рокот за отплата е седум години, на девет еднакви полугодишни рати, со вклучен грејс-период од три години. Македонија, според Министерството за финансии, ќе им плати на заемодавачите еднократна провизија во износ од 1,4 процент од износот на заемот, а на агентот на заемодавачите ќе му плаќа 12 500 евра година провизија.
Новото задолжување на државата наиде на жестоки критики од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија(СДСМ), кои не го поддржаа Законот со образложение дека заемот е доказ за фискалната исрцпеност на државата и буџет што сè потешко ја одржува сопствената ликвидност, а сето тоа поради лошите економски политики на Владата.
Од друга страна, заменикот-министерот за финансии, бранејќи ја потребата од задолжувањето и одговарајќи на критиките од опозицијата рече дека не станува збор за ништо случајно, ново и инцидентно за да се прават циркузи или да се манипулира со јавноста.Во тој контекст, тој се осврна на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, наведувајќи оти граѓаните се доволно свесни и сериозни за да потклекнат на, како што ги нарече, триковите на лидерот на опозицијата дека македонската економија финансиски тоне и се наоѓа пред колапс.
„Станува збор за финансирање на општи буџетски потреби, на капиталните инфраструктурни проекти што ги реализира оваа влада и на сервисирање на старите долгови, меѓу кои и таа еврообврзница од 700 милиони евра, земена во 2020 година. Половината предвреме ја вративме, бидејќи толку ни беше дозволено од имателите на обврзницата, а остатокот ќе биде во јуни 2026 година, без нови дополнителни задолжувања. Овие средства имаат за цел да обезбедат континуирана ликвидност на буџетот, поддршка на планираните јавни инфраструктурни проекти и уредно сервисирање на постојниот долг на државата“,рече заменик-министерот.
Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи жестоко го критикуваше задолжувањето и на прес-конференција пред почетокот на седницата, како и од собраниската говорница, велејќи дека зад трумфалната реторика на владата за економијата, стои исрпена фискална позиција. Битиќи, исто така, обвини дека оваа точка на дневниот ред на денешната седница не дошла до пратениците по редовен, парламентарен пат, туку со демонстрирање политичка сила и заобиколување на деловникот и собраниските процедури.
„Од Владата слушаме големи зборови за економски подеми, но овој закон е економската реалност – Владата се задолжува со 260 милиони евра за буџетска ликвидност, рефинансирање и општи буџетски потреби. Ако економијата е толку силна, зошто на Буџетот му е потребна парична инфузија за ликвидност? Одговорот е дека зад триумфалната реторика стои исцрпена фискална позиција. Владата бараше 300 милиони евра, а договорила само 260. Оваа разлика е директна економска порака која треба да се прочита – финансиските пазари не се водат од прес-конференции, банките ја мерат спосбноста за отплата на долгот, а референтни точки им се дефицитот, јавниот долг, ликвидноста, каматниот товар, динамиката на приходите и кредибилитетот на фискалната политика. Кога Владата бара одреден износ, а добива помал од очекуваниот, значи дека довербата има цена, а во овој случај и граници. Меѓународните финансиски пазари ја коригираат розовата проекција од ‘Илинденска’ бб“,рече Битиќи.
Министерката за финансии денеска не беше во Собранието, бидејќи, како што кажа нејзиниот сопартиец и координатор на пратеничката група на на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, таа е на службено патување во Словенија, кое било планирано пред еден месец.
Аранжер во ова задолжување е компанијата за инвестициски менаџмент „Мерил Линнцх Интернационал“ која работи под капата на „Банка на Америка“. Банките односно финансиските институции кај кои ќе се задолжи државата се од Германија, Австрија, Шпанија САД односно: КфВ ИПЕКС-Банк ГмбХ (KfW IPEX-Bank GmbH); Банко Билбао Визкаја Аргентариа, С.А. (Banco Bilbao Vizcaya Argentaria, S.A.); Ерсте Гроуп Банк АГ (Erste Group Bank AG); АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ (AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft mbH).


