Владата ќе се задолжи 260 милиони евра кај странски банки

Објавено:

Владата планира да се задолжи 260 милиони евра кај странски банки за што во собраниска процедура влезе и нов предлог-закон.

Предлогот ќе се носи по скратена постапка, а пратениците денеска (18 мај) со 67 гласа „за“ ја изгласаа потребата од ова задолжување.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, рече дека ова е претходно планирано односно не е изненадувачки и оти задолжувањето нема да влијае на кредитниот рејтинг на државата.

„Овие средства ќе ги искористиме за финансирање на општите буџетски потреби, за капитални инвестиции и за претходно преземените обврски што оваа Влада треба да ги рефансира без да ја наруши тековната ликвидност на Буџетот“, рече Јанкуловски.

Според него, задолжувањето е со цел да се одржи финансиската стабилност на државата.

Опозицискиот СДСМ, пак, бараше предлог-законот да се нови во редовна процедура.

Координаторот на социјалдемократите, Оливер Спасовски, рече дека не станува збор за закон и сума од мал обем за да се носи по скратена постапка. Уште еден аргумент што тој го употреби е што во собранискиот деловник има предвидено „итна постапка“ која служи за големи нарушување во стопанството итн. Ако задолжувањето е за финансиска стабилност како што кажа заменик-министерот, Спасовски потенцираше дека тогаш треба да се употреби инструментот за итна, а не за скратена постапка.

Првично, државата планирала да се задолжи 300 милиони, но 40 милиони, рече Јанкуловски, ќе се обезбедат од европски фондови, па затоа финалната сума е 260 милиони евра.

Се предвидува сите пари да се повлечат наеднаш – во една транша. Рокот на отплата е седум години, а кредитот ќе се отплаќа на девет еднакви полугодишни рати со вклучен грејс период од три години.

Камата е варијабилна или како што пишува во предлог-законот „се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина која изнесува 2,10%“.

Ваквиот кредит и услови се една од осумте понуди што ги добила власта која тврди ја избрала најповолната.

Аранжер во ова задолжување е компанијата за инвестициски менаџмент „Мерил Линнцх Интернационал“ која работи под капата на „Банка на Америка“. Банките односно финансиските институции кај кои ќе се задолжи државата се од Германија, Австрија, Шпанија САД односно: КфВ ИПЕКС-Банк ГмбХ (KfW IPEX-Bank GmbH); Банко Билбао Визкаја Аргентариа, С.А. (Banco Bilbao Vizcaya Argentaria, S.A.); Ерсте Гроуп Банк АГ (Erste Group Bank AG); АКА Аусфухкредит-Гезелшафт мбХ (AKA Ausfuhrkredit-Gesellschaft mbH).