СДСМ се повлече од собраниската Комисија за финансирање и буџет. Веста ја соопшти лидерот на партијата, Венко Филипче.
„Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми, стотици милиони евра, милијарди евра пари, кои не одат никаде, освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки. Ние нема да учествуваме во комисиската расправа на оваа тема и целосно се повлекуваме од неа,“ изјави Филипче на прес-конференција во Собранието.
Тој најави кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи како што рече, задолжил друг пратеник да ја води Комисијата со која претседателствува Сања Лукаревска од СДСМ, иако таа не била отсутна. Филипче вели дека спикерот Гаши го прекршил Деловникот за работа.
Претседавачот на седницата пак, Бојан Стојановски, информираше дека продолжението е свикано согласно Деловникот и дека Комисијата има кворум за работа и одлучување и покрај тоа што пратениците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не учествуваат на денешната расправа.
Инаку Комисијата за финансирање и буџет денеска, 21 мај, на продолжението на 64. седница го разгледува Предлог-законот за задолжување на земјава со заем од меѓународни финансиски институции во износ до 260 милиони евра, наменет за буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање на обврски.
Според заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски станува збор за задолжување од меѓународни кредитори, предвидено согласно Буџетот за 2026 година.
Тој информираше дека Министерството за финансии, по одлука на Владата од 10 февруари 2026 година, имало задача да обезбеди средства до 300 милиони евра, при што по спроведена постапка, Јанкуловски рече е избрана најповолна понуда.
Заемот ќе се повлече во една транша, со рок на отплата од седум години, грејс-период од три години и варијабилна каматна стапка.
„Овие финансиски средства ги користиме бидејќи буџетскиот дефицит е една од причините, понатаму за општи буџетски потреби, за финансирање на капиталните инвестиции и, секако, за наследените обврски од минатиот период, кои треба оваа Влада да ги сервисира оваа година, но секако и наредните години“, рече Јанкуловски.
Пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека задолжувањето е предвидено и транспарентно и ја обвинија опозицијата за отсуство од дебатата. Велат дека не станува збор за задолжување за плати, туку, напротив, за задолжување за продуктивни трошоци, кои дополнително ќе ја зголемат економијата во Македонија.
Од СДСМ реагираат дека вкупниот долг на земјава од 8,5 милијарди евра во 2024 година, сега изнесува речиси 11 милијарди евра.


