Марта Кос се налути на Белград, ја откажа посетата

Објавено:

Комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос, ја откажа планираната посета на Белград во знак на протест откако десетици илјади луѓе се собраа да му оддадат почит на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

„Одлуката да ја откажам мојата посета на Белград беше единствената можна одлука. Глорификацијата на осудените воени злосторници и оддавањето воени почести на некој што е одговорен за геноцидот во Сребреница и за најлошите воени злосторства во Европа по Втората светска војна е целосно неприфатливо“, вели Кос во изјава за Си-ен-ен.

Сцените од Белград за време на погребот на Младиќ, посочува таа се во директна спротивност со основните вредности на ЕУ – владеењето на правото, помирувањето и почитувањето на жртвите.

Србија аплицираше за членство во ЕУ во декември 2009 година и доби статус на земја-кандидат во март 2012 година. Преговорите за пристапување меѓу ЕУ и Србија почнаа во јануари 2014 година. Досега се отворени 22 поглавја од преговорите.

Коментирајќи го очекуваното патување во Белград, кое сега го откажа, Кос вели дека и како политичар и како личност одлучила дека не може да оди во Белград.

„Можете ли да замислите како би можела некогаш да ги погледнам во очи мајките од Сребреница кои изгубија многу членови на семејството. Ги сретнав многу пати, разговаравме, научив многу од нив, тие најмногу страдаа, но тие се симбол на помирување. Ми рекоа ’никогаш нема да заборавиме, но можеме да простиме‘. Затоа сите треба да работиме заедно и тоа е она што го очекувам од Србија, особено затоа што е земја која е кандидат за членство во ЕУ“, истакна Кос.

Еврокомесарката смета дека потребно да се седне и да се разговара како да се продолжи европскиот пат на Србија.

Патот кон ЕУ, порачува таа, бара соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства. И тоа, како што вели, е она што го очекува.

„Очекуваме Србија да заземе јасен и решителен курс по европскиот пат. Ако земјата сака да стане членка на ЕУ, не станува збор само за усогласување со нашето законодавство“, вели Кос.

Меѓу пораките што таа ги испраќа е и дека раководството во Србија има одговорност да ги залечи раните од минатото, а не повторно да става сол врз нив за никогаш да не залечат.

Осуди за сцените од Белград за време на погребот на 7 септември испратија повеќе челници од ЕУ. Присуствуваа илјадници луѓе, а меѓу оние што дојдоа да му оддадат почит на Младиќ имаше српски министри, лидерот на владејачката коалиција во Република Српска Милорад Додик, потоа Данило Вучиќ, син на претседателот на Србија, рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко …

За Ратко Младиќ, поранешниот командант на војската на Република Српска, кој почина во Хаг додека издржуваше доживотна казна затвор за геноцид и воени злосторства, опело на погребот служеше и српскиот патријарх Порфирије со сослужение на епископи на Српската православна црква (СПЦ).

Последни објави