„Да ви честитам самостојна Македонија“ – Како изгледаше патот до независноста

Објавено:

„Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден Сојуз на Суверените држави на Југославија?“.

Вака гласаше прашањето на гласачкото ливче на референдумот што пред точно 35 години, на 8 септември 1991, македонските граѓани го зедоа в раце и се изјаснија. Над 95% од тие што излегоа заокружија „ЗА“.

„Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“ – одекна гласот на првиот претседател Киро Глигоров вечерта на 8 септември 1991-та од плоштадот Македонија.

Во продолжение ги пренесуваме клучните датуми од 1990 до 1995 година од патот на независноста на државата која денеска одбележува 35-годишен јубилеј:

11 ноември и 25 ноември 1990 – Први повеќепартиски избори

Демократската трансформација на државата и на дотогашниот еднопартиски систем започнува со одржување на првите повеќепартиски избори кои го отвораат и патот кон независноста. Излезност беше голема – 84,8% во првиот и 76,8% во вториот круг.

8 јануари 1991 година – Конституирање на Собранието

Во новиот собраниски состав мандати освоија девет партии и три независни пратеници. ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу – 38 пратенички места, Сојуз на комунистите на Македонија – 31, Партија за демократски просперитет (ПДП) на етничките Албанци во Македонија – 17. Со над 10 мандати беше и Сојузот на реформски сили, кој имаше 11 пратеници.

prv-sobraniski-sostav-kolegium
Дел од пратениците од првиот собраниски состав на Македонија / Фото: Колегиум.мк

25 јануари 1991 – Декларација за сувереност на Република Македонија

Правната основа за истапување од Социјалистичка Федерална Република Југославија (СФРЈ) се поставува со освојување на Декларацијата за сувереност на Република Македонија од првиот повеќепартиски состав на Собранието.

27 јануари 1991 – Киро Глигоров прв претседател

По конституирањето и усвојувањето на Декларацијата за сувереност, Собранието го избра Киро Глигоров за прв претседател на тогашната Социјалистичка Република Македонија.

20 март 1991 – Прва влада со премиер Никола Кљусев

Потоа следуваше и формирање на првата Владата. За премиер беше избран Никола Кљусев. Таа беше експертска влада и во неа имаше тројца вицепремиери и 19 министри. Со формирање на владата се воспоставува институционалната структура на новиот повеќепартиски политички систем.

Тројцата вицепремиери беа: Блаже Ристовски, Јован Андонов, Бекир Жута.

На министерски функции пак застанаа: Денко Малески – надворешни работи; Ристо Дамјановски – одбрана, Јордан Мијалков – внатрешни работи; Ѓорѓи Наумов – правда; Методија Тошевски – финансии; Стојан Трајановски – економија; Гоце Петрески – развој; Александар Лепавцов – урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија; Иван Ангелов – земјоделство, шумарство и водостопанство; Илијаз Сабриу – труд и социјална политика; Димитар Димитров – образование; Ѓорѓи Ефремов – наука; Цветан Грозданов – култура; Перко Колевски – здравство; Мартин Треневски – информација.

Имаше и четворица министри без ресор: Јане Миљовски, Илија Андонов – Ченто, Алаетин Тоска и Љубомир Фрчкоски.

6 август 1991 – Одлука за референдум

Собранието одлучува граѓаните да се изјаснат на референдум за суверена и самостојна Македонија со право да стапи во сојуз со југословенските држави.

8 септември 1991 – Референдум за независност

Граѓаните се изјаснуваат на референдумот одговарајќи на прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден Сојуз на Суверените држави на Југославија?“.

Право на глас имаа 1.495.807. На гласање излегоа 1.132.981 или 75,74%. Резултатите беа: 1.079.308 гласови или 96,46% „ЗА“, 39.639 или 3,54% „ПРОТИВ“, а 14.034 или 1,24% од гласачките ливчиња беа неважечки.

glasacko-livce-referendum-za-nezavisnost-1991
Гласачко ливче од референдумот за независност на 8 септември 1991 година / Извор: Државен архив

18 септември 1991 – Потврдена референдумската волја

Десет дена по гласањето, Собранието ја усвојува Декларацијата за прифаќање на резултатите од референдумот, со што институционално се потврди определбата за независна и суверена Македонија.

17 ноември и 20 ноември 1991 – Првиот Устав

На 17 ноември Собранието го усвои Уставот на Република Македонија, со кој се поставуваат темелите на современиот уставен и политички систем на независната држава. Три дена подоцна, свечено се прогласува Уставот со што се заокружува еден од најважните правно-политички процеси на осамостојувањето.

26 април 1992 – Воведување на денарот

Собранието ги поставува темелите на монетарната независност и го усвојува денарот како национална парична единица, заедно со законската рамка за Народната банка.

11 август 1992 – „Денес над Македонија“ станува химна, а сонцето од Кутлеш државно знаме

Собранието го усвојува знамето со Сонцето од Кутлеш како државно знаме на Република Македонија.

„Денес над Македонија“, пак, беше изгласана за државна химна. Напишана е во 1941 година. Автор на текстот е Владо Малески, а на музиката Тодор Скаловски. По завршувањето на Втората светска војна песната била усвоена како химна на Социјалистичка Република Македонија во рамките на поранешна Југославија, а на 11 август 1992 со закон е прогласена за химна на независна Македонија.

8 април 1993 – Прием во Обединетите нации

Со акламација во Генералното собрание, Македонија е примена за 181. членка на Организацијата на обединетите нации. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ООН беше направено со привремената референца – Поранешна Југословенска Република Македонија.

23 декември 1993 – Определба за членство во НАТО

Собранието на Република Македонија донесе Одлука за пристапување на земјата кон Северноатлантскиот договор (НАТО). Со оваа одлука, македонскиот парламент ја дефинираше евроатлантската интеграција како еден од главните стратешки надворешнополитички приоритети на државата. Полноправна членка на Алијансата, земјава станува на 20 март 2020 година.

nato makedonija eu znaminja zname foto sdsm
Знамињата на НАТО, Севрна Македонија и ЕУ (Фото: СДСМ)

16 февруари 1994 – Ембарго од Грција

Спорот околу името дополнително се заострува, па Грција воведува трговско и транзитно ембарго. Грчкото ембарго претставува сериозен економски и политички притисок врз младата македонска држава.

13 септември 1995 – Времена спогодба со Грција

Скопје и Атина со посредство на ОН ја потпишуваат Времената спогодба по што Грција ја симна блокадата. Спорот околу името се решава дури во 2018 година, кога на 17 јуни се потпишува Преспанскиот договор со што Грција го симнува ветото за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, а државата го менува уставното име во Република Северна Македонија.

5 октомври 1995 – Ново државно знаме

Собранието го усвојува Законот за знамето на Република Македонија. Со тоа сонцето од Кутлеш е заменето со денешното осумкрако сонце.

9 ноември 1995 – Дел од Советот на Европа

Македонија станува 38-ма полноправна членка на Советот на Европа.

15 ноември 1995 – НАТО – Партнерство за мир

Македонија се приклучува кон иницијативата на НАТО – Партнерство за мир.

Последни објави