Победата на екстремната десница го стресе Мерц, АФД крои патеката кон власта во Германија

Објавено:

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска, 7 септември, ја исклучи можноста за соработка со Алтернатива за Германија (АФД), откако екстремно десничарската партија се искачи на прво место на покраинските избори во Саксонија‑Анхалт, но призна дека резултатот ја потресе неговата партија „до самите темели“, пренесе новинската згенција Ројтерс.

АФД се обраќа до пратениците од редовите на конзервативците на Мерц за поддршка на нивната иницијатива да ја водат источната покраина, што би било првпат една екстремно десничарска партија да дојде на власт на покраинско ниво во Германија по Втората светска војна.

Антиимигрантската, проруска АФД освои речиси 44% од гласовите, пишува Ројтерс, резултат што ја нагласи длабоката непопуларност на владејачката коалиција на Мерц и предизвика загриженост кај соседите на Германија, Франција и Полска. Сепак, партијата — која сака да депортира имигранти, да ја прекине поддршката за Украина и да ги обнови врските со Москва — не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент, освојувајќи 39 од 83 места, и се надева дека ќе придобие поединечни конзервативни пратеници.

Резултатот може да ја стави на тест долгогодишната одлука на германските мејнстрим партии, вклучително и Христијанските демократи (ЦДУ) на Мерц, да не соработуваат со АФД — политика позната како „огнениот ѕид“.

АФД тврди дека тоа е недемократско.

„Ова ја потресува нашата партија до самите темели. Не можеме едноставно да продолжиме како досега, ниту јас, ниту федералната влада,“ изјави Мерц за весникот Билд. Имаме силен устав; ги имаме сите алатки за да го одбраниме уставот од десничарска екстремистичка покраинска влада — но нашиот партиски систем доживува тектонска промена“ додаде тој.

Мерц, кој според анкетите е најнепопуларниот канцелар во современата германска историја, се соочува со уште покраински избори во наредните недели и следната година, иако се надева дека неговата комбинација од реформи и зголемени трошоци во одредени области ќе ја оживее економијата на најголемата европска држава.

Се бара мнозинство

Националниот копретседател на АФД, Тино Хрупала, апелираше до пратениците од ЦДУ да овозможат „централно‑десничарско конзервативно мнозинство“ во Саксонија‑Анхалт.

„Партиските игри навистина треба да бидат минато,“ изјави тој за германско радио, мислејќи на политиката на огнениот ѕид.

Улрих Зигмунд, водечкиот кандидат на партијата во покраината, рече дека ќе води разговори со различни парламентарни групи. Тој потсети дека за време на кампањата еден градоначалник од ЦДУ донирал за АФД и додаде дека изгледа постои „остаток — трага — од здрав разум во таа партија“.

Потенцијален партнер

Единствената германска партија што сигнализираше подготвеност да соработува со АФД е популистичката левичарска BSW, која во понеделник ги повтори критиките на Хрупала за политиката на „огнениот ѕид“.

BSW ја дели непријателската позиција на АФД кон масовната имиграција, за која тврди дека ги поткопува правата на локалните работници, и исто така се залага за прекин на германската поддршка за Украина и обновување на врските со Москва.

Двете партии ги карактеризираат санкциите кон Русија како непотребно самосаботирачки, бидејќи им го одземаат на германските компании пристапот до огромните евтини енергетски ресурси на Русија, врз кои германската извозно ориентирана економија напредувала со децении.

Последни објави