Германскиот канцелар Мерц сигнализира можност за реконструкција на кабинетот

Објавено:

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц во неделата изјави дека можеби сега постои можност за промени во неговиот кабинет, по оставката на неговиот клучен сојузник Јенс Шпан од местото лидер на конзервативната пратеничка група (фракција) на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Бундестагот, објави германската новинска агенција ДПА.

Ова би можело да биде можност повторно да се разгледа составот на сојузната влада“, изјави тој за телевизијата Зет ДФ, одговарајќи на прашање за можни промени во составот на владата – пишува новинската агенција Ројтерс.

Одлуката на Шпан да има дете преку сурогат мајка во Соединетите Американски Држави предизвика реакција, бидејќи сурогат мајчинството е забрането во Германија.

И Мерц и Шпан се членови на ЦДУ, која остро го отфрла сурогат мајчинството. Шпан претходно беше министер за здравство од редовите на ЦДУ. Тој и неговиот сопруг, Даниел Функ, објавија во средата дека „станале родители преку сурогат мајчинство“.

Мерц одби да коментира кога беше прашан дали Торстен Фрај, неговиот шеф на кабинет, би можел да го замени Шпан. За време на неговото традиционално летно интервју со Зет ДФ, канцеларот рече дека одлуката ќе биде донесена наскоро, иако времето не го притиска, бидејќи парламентарната група сè уште може да работи, доколку е потребно, за време на летниот одмор.