Мерц: Ве сакаме е пораката од ЕУ до Западен Балкан

Објавено:

Ве сакаме е пораката што Европската Унија им ја испраќа на шесте држави од Западен Балкан. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по завршувањето на самитот ЕУ–Западен Балкан во црногорскиот град Тиват. Тој во одговорите на новинарските прашања посочи дека ЕУ има стратегиски интерес да ги прими сите шест земји во своите редови.

„И сакаме овој регион, овие држави од регионот, наскоро да станат членки на Европската Унија”, изјави Мерц во петокот попладне.

На самитот учествуваа владите на земјите-членки на ЕУ, како и шесте држави од регионот: Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора.

Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон на самитот ги претставија новите идеи за тоа како земјите од Западен Балкан да станат дел од таканареченото „фазно проширување“. Тоа значи дека ќе се воведе набљудувачки статус за земјите кандидати за членство во Унијата. Тие треба да бидат поинтензивно вклучени во процесите на носење одлуки и да добијат привилегиран пристап до единствениот пазар преку постепена интеграција. Според германско-францускиот предлог, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со испраќање набљудувачи во европските институции. Дополнително, се предвидуваат заеднички состаноци меѓу институциите на ЕУ и претставници на земјите од регионот за прашања од заеднички интерес.

Мерц пред почетокот на Самитот делумно ја обвини ЕУ за тоа што земјите од Западен Балкан сè уште не ѝ се приклучиле на Унијата.

„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите постојат и на страната на Европската Унија. И нив сакаме денес да ги надминеме“, изјави тој.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој е дел од Самитот, на својот фејсбук профил објави дека пред почетокот на настанот се сретнал со канцеларот Мерц. На средбата, како што изјави Мицкоски, се разговарало за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, како и за нон – пејперот на Германија и Франција.

„Разговаравме и на таа тема. Ние имаме свој инпут во сето тоа и свое мислење, го пренесовме. Подетално ќе разговараме сега на работниот дел од Самитот, така што, да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога практично ЕУ односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување е жив. Она што е наша обврска како влада е тој процес го зачуваме, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството како што беше пример во минатите децении кога станува збор за нашите аспирации за членство во ЕУ“, одговори Мицкоски на новинарски прашања пред почетокот на седницата.