Поддршка има, органзиран систем на грижа нема за менталното здравје на мајките

Објавено:

Mакедонското законодавство предвидува психолошка поддршка за жените во бременост и по породување, но во пракса поддршката сè уште не функционира како достапен систем – покажуваат истражувањата на граѓанските организации. Отсуството на скрининг го отежнува навременото препознавање на проблемите и пристапот до помош, особено за жените од ранливите категории. Сепак, потребата од ваква поддршка е очигледна – само во Кабинетот за жени во бременост и по породување на Клиниката за психијатрија во последните две години имало повеќе од 530 прегледи.

Не постои едно универзално мајчинство, а моите бремености ми донесоа различни психолошки предизвици и гледано од денешна перспектива, секоја од нив ме помести на едно подлабоко ниво на лична свесност“, вели 41-годишната Дороти Пачкова за Колегиум.мк.

Таа е самохрана мајка од Скопје со три деца. Најстарото е 14 години, а помалите две се пет години и четири години. Зборувајќи за предизвиците што ги носи мајчинството, но и за тоа дека го доживува како најголем мотив, Дороти вели дека перспективата сега ѝ е поинаква од онаа што ја имала кога станала мајка на 26 години.

Дороти Пачкова, приватна архива
Дороти Пачкова, приватна архива

Во првата бременост се соочила со стравот дали е доволно способна за животот што ја очекува. Но, втората бременост била сосема поинаква.

„Таа ме натера да се погледнам во огледало и да видам со какви луѓе и со каква средина сум опкружена. Тоа беше мојата лекција за границите. Не само во мајчинството, туку и во партнерските, семејните и професионалните односи“, вели Дороти.

Додека го доела второто дете, малиот Ноа, останала бремена и по трет пат. И токму малата Софи, кога дошла на овој свет, ја натерала мајка си да се праша како сака да живее. Но, истовремено третото породување донело многу поголеми предизвици од оние по првите две.

Нашата соговорничка вели дека чувствувална огромна исцрпеност – физичка, емоционална и ментална.

„Не беше само прашањето „што ми се случува после породувањето?“, туку што се случува кога една жена истовремено е мајка на три деца, кога едното дете сè уште го дои а е бремена, кога доилка тандем бев речиси две години, кога новороденчето целосно зависи од неа и кога практично целиот систем на грижа се потпира врз неа. Паметам моменти кога не ми требаше уште некој да ми каже: „Ти си жена змеј, можеш што никој не може.“ Напротив. Ми требаше некој да препознае дека јас сум човек кој исто така има потреба некој да се грижи за мене“, сподели Дороти.

Таа вели дека е многу ретко некој да ја праша мајката како е – дали физички се опоравила од породувањето, дали спие, дали се чувствува безбедно и има поддршка, дали има време да јаде и да се истушира сама. 

Токму ваквите искуства го отвораат прашањето колку здравствениот систем навреме ги препознава потребите од психолошка помош и поддршка за време на бременоста, но и по породувањето. Иако постојат одредени услуги и законска рамка, истражувањата покажуваат дека поддршката сѐ уште не функционира како јасен и поврзан систем.

Едукативни работилници за мајките

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) нотирало дека покрај ограничената психолошка поддршка која жените ја добиваат во текот на бременоста, постојните алатки и водичи не се применуваат рамномерно.

Координаторот за јавно здравје и женско здравје, д-р Борјан Павловски од ова Здружение, вели дека паралелно, нема унифицирани патеки патеки за идентификување и упатување, а соработката меѓу гинеколозите, матичните лекари, педијатрите и стручните лица за ментално здравје често не е структурирана.

За Колегиум.мк тој посочува дека значењето на скринингот не е да постави дијагноза, туку навреме да се препознае дека жената можеби има потреба од дополнителна проценка и поддршка, односно уште пред проблемите да станат видливи за останатите членови на семејството или за средината. Грижата за перинаталното ментално здравје на мајката вели Павловски, е директно поврзана и со условите во кои детето расте и се развива.

„Светската здравствена организација укажува дека многу малите бебиња се особено чувствителни на средината и на квалитетот на грижата која им ја пружаат најблиските. Бебето на кое му се зборува, кое го тешите кога плаче, со кое се воспоставува контакт и на чии потреби се реагира доследно, преку тие секојдневни интеракции ја гради својата емоционална сигурност и учи за светот околу себе“, вели Павловски и потсетува на наодите на УНИЦЕФ дека менталната благосостојба на родителите и другите лица што се грижат за детето влијае токму врз нивната способност да обезбедат таква негувачка и одговорна грижа.

Д-р Борјан Павловски, Здружение ЕСЕ

Според него, кога жената се соочува со изразена депресија, анксиозност, исцрпеност или други психолошки тешкотии, може да ѝ биде многу потешко постојано да биде емоционално достапна и да одговори на потребите на бебето. Тоа не значи дека таа е помалку добра или помалку посветена мајка. Напротив, значи дека и самата има здравствена потреба за која треба да добие помош.

Здружението ЕСЕ, кое го следи ова прашање во последните години, организирало и едукативни работилници за перинаталното ментално здравје, кои како што нагласува Павловски, им помогнале на жените да ги разберат подобро сопствените чувства и да го намалат чувството на вина или осаменост.

„Поддржана мајка полесно може да се грижи и за себе и за бебето, да биде присутна за неговите потреби и да ја гради сигурната врска која е важна за неговиот понатамошен развој. Затоа и во нашите проектни материјали главната порака е дека перинаталното ментално здравје не е индивидуална грижа само на жената, туку прашање на семејна, здравствена и поддршка во заедницата“, додава Павловски.

 Додека бебето се следи, мајката исчезнува од системот на грижа

Со вакви измешани емоции се соочила и нашата соговорничка Пачкова која вели дека со функционален систем, жената нема да мора да избира „меѓу сопственото ментално здравје и преживувањето на семејството“.

„Затоа што здравствен систем кој успешно го следи бебето, а не ја забележува мајката која се распаѓа пред него, не е систем што целосно ја разбрал перинаталната грижа. Бебето не може да биде добро ако жената која го носи целиот товар на грижата е оставена без грижа. Кога една жена ќе се породи, здравствениот систем многу често продолжува да го следи бебето: тежина, хранење, вакцинација, развој, прегледи. Мајката по породувањето исчезнува од системот на грижа. А токму таа поминува низ промена на идентитетот, нова одговорност и често драматична промена на економскиот и партнерскиот живот“, посочува Дороти.

Според неа, ако жената е гладна и исплашена, не може одговорноста за нејзиното ментално здравје да се сведе само на психолошки сесии:

„А кога ќе се додаде висок ризик од сиромаштија, несигурно вработување, недостаток на достапна детска грижа, дискриминација на пазарот на трудот, отсуство на партнерска и поширока семејна поддршка, насилство или конфликт со другиот родител, тогаш зборуваме за сосема поинакво ниво на хроничен стрес“.

Да се препознае ризикот пред да стане криза

Таа повикува на поголема одговорност од здравствените институции кои би ги препознавале и социјалните ризици пред да се претворат во криза.

„Тоа значи податоци. Скрининг. Реферални механизми. Следење. Достапни услуги. Обучен кадар. Мултисекторска соработка. И, најважно, гласот на мајките мора да биде дел од дизајнирањето на тие услуги“, смета таа.

Препознавањето на овие ризици е особено важно кај мајките кои ги растат децата сами, бидејќи тоа често носи кумулативен ризик.

„За секое од трите мои деца, иако сум самовработена повеќе од една деценија, јас сум единствената која при секое боледување беше и е со детето на кое му требам. И ова може да го разбере само некој кој бил на ова место — и при тоа служел со љубов и свесно ја плаќал цената“, вели Дороти.

 За да се справи со предизвиците кои понекогаш повторно ѝ носат стрес, анксиозност и исцрпеност, таа веќе побарала психолошка помош бидејќи како што нагласува, тоа не е знак на слабост туку одговорност и кон себе и кон децата.

„Моите деца ме научија дека мајчинството не значи да се откажеш од себе за некој друг да биде добро. Тие ме натераа да станам многу посвесна за тоа каква жена сакам да бидам, каков живот сакам да живееме и каков свет сакам тие да наследат“, порачува Дороти.

Не само психотерапија, туку и преземање на грижата

Повеќе од 150 жени побарале психолошка поддршка за само 24 часа, во рамките на проектот на организацијата „Реактор“ во соработка со центарот за психотерапија „Психолариум“ со поддршка од Француската амбасада. Тие организирале две групи со по 12 средби за психолошка поддршка на мајки. Учесничките укажале на хронична исцрпеност, страв дека нешто ќе му се случи на бебето, вина, лута и осаменост. Ова за Колегиум.мк го сподели Ана Бојчевска, координаторка за истражувања во Реактор.

„Мене лично најмногу ме погоди колку често жените имаа чувство дека мораат да покажат дека се снаоѓаат. Дури и кога се целосно исцрпени, постои некое очекување дека треба да бидат благодарни, среќни и способни да се справат со сè. Групата за многу од нив беше едно од ретките места каде што не мораа да го прават тоа. Кога една жена ќе кажеше „многу сум уморна“ или „се чувствувам виновно“, многу често ќе слушневме од другите: „И јас“, „Мислев дека сум единствена“ или „Не знаев дека е дозволено вака да се чувствувам“, вели Бојчевска.

Но, според неа, на жената не секогаш ѝ е потребна психотерапија туку некој да преземе дел од грижата за детето, или пак да има, сигурен приход.

„Во групите многу се зборуваше и за тоа дека овие работи не се само „во главата“ на жената. Ако не спие, ако нема со кого да го остави детето, ако сама ги носи сите обврски, ако е финансиски несигурна или нема никаква поддршка, тоа се реални услови кои влијаат врз нејзиното ментално здравје“, вели Бојчевска.

Организацијата од која таа е дел, спроведе истражување за мајчинството, менталното здравје и невидливиот товар на очекувањата, кое покажа дека Македонија има поставено основа за психолошка поддршка во перинаталниот период преку повеќе стратегии и закони. Сепак проблемот е што таа поддршка сè уште не е поставена како јасен, достапен и функционален систем – нотира истражувањето.

Меѓу овие документи се Законот за ментално здравје, Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018–2025, како и Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје. Бојчевска смета дека тие се важни поместувања бидејќи со нив се менуваат политиките, но и покрај тоа, низа прашања остануваат неодговорени во недостиг на јасно дефинирана патека на грижа од моментот на препознавање на проблемот до добивање соодветна поддршка.

„На пример, ако патронажна сестра, матичен гинеколог или педијатар препознае дека една мајка има сериозна анксиозност или симптоми на депресија, што се случува потоа? Каде точно ја упатува? Дали во нејзиниот град постои услуга? Дали таа услуга е бесплатна или достапна преку јавното здравство? Кој ја следи жената понатаму? И што се случува кога проблемот не бара хоспитализација, но сепак бара континуирана психолошка или психотерапевтска поддршка?“, прашува Бојчевска.

Перинаталното ментално здравје не е индивидуален проблем

Таа вели дека перинаталното ментално здравје треба да се третира како составен дел од здравствената грижа, а не како индивидуален проблем што жената сама треба да го препознае и реши.

Оттука, клучната препорака во истражувањето на „Реактор“ е здравствените власти да воведат скрининг со кој навреме ќе се препознаат психолошките потешкотии на мајките, наместо да се сметаат како „нормален дел од мајчинството“. Како што нагласува Бојчевска, скринингот ќе ги даде податоците и за реалните потреби на жените, па така институциите ќе ги планираат услугите и политиките врз основа на докази.

Според неа, уште поважно е да се одговори – „како треба да изгледа систем во кој скринингот ќе води до реална грижа“.

„Секоја жена треба да има можност навреме да биде прашана и проценета. Тоа може да се направи преку кратки, валидирани инструменти за скрининг, интегрирани во постојните прегледи во бременоста и по породувањето. Не мора секој скрининг да го спроведува психолог. Соодветно обучени гинеколози, матични лекари, патронажни сестри и други здравствени работници можат да бидат првата точка на препознавање, додека за жените кај кои ќе се утврди потреба треба да постои јасен систем на упатување“, смета Бојчевска.

Но, дали ова би било доволно? Таа вели дека дека препознавањето на симптомите е само првиот чекор, по кој, системот на грижа треба да се проширува.

„Треба да има јасно дефинирани патеки за упатување кон психолог, психотерапевт или психијатар, зависно од потребите, но и достапни групи за поддршка и други услуги во заедницата. Исто така, овие услуги треба да бидат географски и финансиски достапни, бидејќи не можеме да зборуваме за универзален скрининг ако понатамошната помош останува достапна само за жените кои можат самите да ја платат или живеат во место каде што таква услуга постои“, коментира Бојчевска.

Според неа, жената треба да се следи и откако ќе излезе од родилиштето но и грижата за жената да не зависи од тоа, каде таа се породила, да се изгради мрежа на услуги низ која жената ќе може да се движи без разлика каде се породила и каде живее. Родилиштето треба да биде една од точките во таа мрежа, но не и единствениот пристап до грижа за менталното здравје“, заклучува Бојчевска.

Помош и поддршка за трудниците и за родилките на ГАК

Психолошката помош и поддршка им е достапна на жените на Клиниката за гинекологија и акушерство(ГАК) во Скопје, како за време на бременоста така и по породувањето. Освен психолог, со нив работи и социјален работник.

Бројот на пациентки кои бараат поддршка од овие стручни лица се зголемува, бидејќи расте и свеста за емоционалните промени, раскажа психологогот Маја Исаакиду од оваа Клиника за Колегиум.мк. Таа вели дека најчесто емоционалните промени се во поблага форма и се минливи, но во некои случаи за време на бременоста и периодот по породувањето, може да се појави анксиозно нарушување, проследено со прекумерен страв, напнатост, загриженост и неможност мајката да се опушти и да ужива во самата бременост.

„Доста често е и депресивното нарушување, со намалено расположение, со намалена психичка и физичка енергија, коешто може да  постоело уште пред бременоста, да се појави  во текот на бременоста или да се појави по породувањето, како постпартална депересија и во зависност од тежината на симптомите значително  може да го наруши секојдневното функционирање“, објаснува Исаакиду.

Психолошка помош и поддршка на ГАК

Каков е пристапот?

Нашата соговорничка од ГАК вели дека секојдневно оди самата кај породените жени за да им даде одговори на прашањата и дилемите. Но, неретко кај неа се обраќаат и трудниците доколку лекарот или некој друг од здравствените работници, забележи вознемиреност, страв или пак, депресија кај жената.

Но, зошто мајчинството иако за повеќе жени е најпосакуваната животна улога, може да донесе и раздразливост? Исаакиду објаснува дека емотивните промени се должат на хормонските кои не само што го менуваат телото на жената, туку и начинот на живот, а влијаат и врз односите со партнерот и целокупниот социјален живот. Во текот на бременоста жената е изложена на голем број на прегледи, скрининзи и испитувања, кои во зависност од акушерското минато на жената и од степенот на социјална поддршка кој што го има од семејството, може да доведат до зголемување на стресот, чувство на страв и загриженост за текот и исходот од бременоста, страв за бебето по породувањето.

По породувањето кај голем број од мајките може да се појави бебешка меланхолија (baby blues), којашто е минлива состојба и поминува во период од неколку дена до две недели. Но затоа пак, постпородилната депресија бара посебно внимание и таа се дијагностицира доколку се јави до 12 месеци после породувањето. По тој период, доколку и понатаму траат психичките потешкотии или доколку се појават после тој период, се менува и дијагнозата кај пациентката.

Ризикот да се соочат со проблеми и потешкотии со нивното ментално здравје, е директно поврзан со социо-економските услови на жената, но не се исклучени и други фактори.

„Во поголем ризик за појава на проблеми со менталното здравје во текот на бременоста и породувањето се оние пациентки кои имаат историја на проблеми со менталното здравје, кои се жртви на семејно или сексуално насилство, кои што имаат мала или никаква поддршка од партнерот или поширокото семејство, пациентките со понизок социо-економски статус, малолетни пациентки или пациентки со непланирана и несакана бременост. Зголемен ризик постои и кај пациентки кои што имале претходно спонтани абортуси или подолго време третман за неплодност“, вели психологот Исаакиду.

Здравите мајки и деца се најдобра инвестиција

Токму социо-економската ранливост им го отежнува патотот до здравствените услуги на жените – Ромки. За време на теренските посети на здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ споделиле дека не се задоволни од третманот и услугите во болниците.

Нивните сведоштва ги пренесе Ања Симоновска, социјален работник од ова здружение.

„Како сериозен проблем се издвојуваат и случаи на починати родилки и новороденчиња, при што во дел од случаите околностите под кои дошло до смртта остануваат нејасни. Нивните сведоштва укажуваат на низа проблеми поврзани со нехигиенските услови, недоволната грижа и односот на здравствениот персонал. Една од жените споделува дека во болницата не ѝ била обезбедена чиста постелнина и облека и дека била оставена да лежи во крв. Друга раскажува дека била оставена со часови во породилната сала додека персоналот бил отсутен. Има и сведоштво за жена која била оставена да чека во ходник, иако породувањето веќе започнало“, раскажува Симоновска.

Но, искуствата што се најзагрижувачки се поврзани со пропусти во медицинската грижа. Една жена навела дека по породувањето ѝ била оставена газа во организмот, за што дознала подоцна поради непријатната миризба што ја почувствувала. Друга пак, посведочила дека и покрај силните болки и барањето за помош, од медицинска сестра добила одговор дека треба да издржи и да трпи.

А освен Ромките, жените кои се соочуваат со зголемен ризик од каква било причина, треба да добијат посоодветна помош во рамките на здравствен систем кој ќе создаде чувство на безбедност и почит.

Затоа, Симоновска ја нагласува улогата на патронажните сестри кои би ги информирале и упатиле жениите. Оттука, таа ја потенцира и важноста од воведувањето на скрининг, бидејќи како што вели, најдобрата инвестиција е да се обезбедат здрави мајки и здрави деца. Во пракса, тоа би значело пониски здравствени трошоци, а посилен економски развој.

„Средно развиените земји губат околу 10% од БДП поради недоволна превенција и грижа за мајката и детето во првите 1.000 денови – од зачнувањето до навршувањето на две години. Меѓународните истражувања покажуваат дека повратот на инвестициите (ROI) во раниот детски развој се движи од 6 до 17 долари за секој вложен долар. Тоа укажува дека инвестициите во превенција и раниот детски развој се меѓу најефикасните начини за оптимизирање на јавните средства во здравството и образованието“, констатира Симоновска.

Во Македонија има само еден Кабинет за жени

Дека пристапот до услугите не е еднаков, говори и фактот дека во државата има само еден Кабинет за жени во бременост и после породување.

Тој се наоѓа на Клиниката за психијатрија. Во него од почетокот на 2024 година до крајот на август 2026 година биле реализирани повеќе од 530 прегледи.

Податоците што се однесуваат на периодот јануари-август во секоја од годините, покажуваат дека во првите осум месеци од 2024 се направени 85 прегледи. Во истиот период следната година се реализирани 156 прегледи, а нивниот број во првите осум месеци од годинава е 145.

Во реализацијата на овие прегледи, расте бројот на регуларни упати, но се забележува опаѓање кај итните. Според Клиниката, тоа значи дека проблемот се препознава се’ подобро.

Но, оттаму во писмен одговор до Колегиум.мк наведуваат дека „поради самиот систем не може да издвојат точно за какви дијагнози станува збор“. Оваа бројка не значи дека вкупно толку жени се соочиле со потешкотии во бременоста или по породувањето.

„Дел од прегледите можеби биле заведувани од страна на други лекари, а не од страна на тројцата психијатри кои работат во состав на кабинетот. Дополнително, има пациенти кои се прегледувани конзилијарно, а одреден дел добиле хоспитален третман, а потоа третманот бил продолжен на друго место“, објаснуваат од оваа Клиника.

Тука жените може да доаѓаат за време на бременоста или по породувањето, заедно со своите дете. Споделувајќи исти предизвици и размислувања, некои мајки се поврзале и почнале да се дружат и во неформална средина, а тоа како што велат од Клиниката, ги прави особено горди.

„Се создава безбедна средина, каде што детето, односно бебето, може да се движи слободно низ просторот, а мајката да се чувствува слободно. Се работи индивидуален третман и се работи во групи, кои се одржуваат два пати во неделата“, наведуваат од Клиниката во писмениот одговор до Колегиум.мк.

Кабинетот за жени го води актуелната директорка, проф. д-р Арсова и неколку помлади психијатри и психолог кој е вклучен во целата оваа тераписка интервенција, без разлика дали е индивидуално и групно.

Меѓу жените кои досега дошле во кабинетот има жртви на семејно насилство, малолетни мајки или пак, постари прворотки. Помош и поддршка таму бараат и жените кои претходно се бореле со неплодност или пак, такви кои го растат детето без партнер. Но, особено поттикнувачки фактор за нарушување на состојбата може да биде некое претходно психијатриско нарушување како шизофреното растројство, биполарното афективно растројство, рекурентно депресивно растројство или било кое друго невротско растројство.

Врз основа на нивниот третман и на меѓународните стручни препораки, Клиниката веќе изготвила прирачник во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). Прирачникот е наменет за здравствените работници кои треба да ја направат првичната проценка кај жената пред да ја упатат на специјализирана проценка.

Меѓу препораките се дека не е целта секој гинеколог, матичен лекар или педијатар да ја преземе улогата на психијатар, туку да знае што да препознае, што да праша, кога состојбата бара дополнителна проценка и каде пациентката треба да биде упатена. На тој начин може да се скрати времето од појавата на симптомите до добивањето соодветна помош и постепено да се намалат разликите во пристапот до услуги меѓу жените од различни урбани и рурални средини.

Кабинет на Клиниката за психијатрија во Скопје

Обуки за здравствените работници

Од Министерството за здравство не одговорија на нашето прашање дали и кога ќе биде воведен скрининг за перинаталното ментално здравје, но велат дека целта е здравствените работници да бидат сензибилизирани да препознаваат знаци и ризици кај жените уште во текот на бременоста.

„Се разгледуваат можностите оваа тема да добие простор и во образовните програми за медицински сестри, акушерки, гинеколози и педијатри, со оглед на тоа што педијатрите остануваат во редовен контакт со мајката по породувањето – велат од Министерството за здравство.

Во соработка со УНФПА и релевантните стручни здруженија, здравствените власти ги разгледуваат и можностите за проширување на опфатот на обуките надвор од Скопје, со цел здравствените работници низ целата земја да бидат оспособени да препознаат ризици навреме.

Но, додека надлежните сѐ уште „калкулираат“ меѓу можностите, а во услови на пад на наталитетот се испраќаат пораки за негово зголемување, мајчинството ги вади на површина и социо-економските недостатоци. Растргнати меѓу нив, мајките понекогаш не бараат повеќе сила, туку поголема поддршка, а токму тоа е и пораката од нашата соговорничка Дороти која ја сподели својата лична приказна.

„На секоја самохрана мајка која во моментов мисли дека не може повеќе би ѝ кажала дека нејзината вредност не се зголемува со страдањето што може да го поднесе. Јас верувам дека најголемиот подарок што можеме да им го дадеме на нашите деца не е мајка која никогаш не паѓа. Тоа е мајка која им покажува дека човек може да падне, да побара помош, да стане, да постави граница, да го промени својот живот и повторно да создаде мир и да ја живее сеприсутната радост“, порача Дороти.

Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на Колегиум.мк и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).

Последни објави