Што кога ќе „прегорите“? – разговор со психологот Розита Андонова

Објавено:

Постојано одговарање на телефонски повици и електронски пораки, проверка на известувањата во секој дел од денот… Новото време ја избледи границата меѓу личниот и професионалниот живот во кој трката по успех резултира со хроничен стрес, а токму тој ги исцрпува работниците до степен да го наруши нивното секојдневно функционирање.

Синдромот на „прегореност“ или „бурнаут“ (burnout) е професионален феномен вброен во Меѓународната класификација на болести на Светската здравствена организација. А таа, годинава го одбележува Светскиот ден на здравјето (7 април) повикувајќи на доверба во науката и заедничка грижа за здравјето.

Но, каде потклекнуваме во грижата, додека синдромот на „бурнаут“ тивко нѐ исцрпува, нѐ дистанцира емоционално и ја намалува професионалната ефикасност?

За овие прашања, Колегиум.мк побара одговори до психологот и психотерапевтот м-р Розита Андонова.

Како да го препознаеме синдромот на „прегореност“? Кои „аларми“ не би треба да ги игнорираме?

Психологот и психотерапевт, м-р Розита Андонова

Прегорувањето најчесто се препознава преку постепено чувство на исцрпеност кое не поминува ниту со одмор. Тоа е намалена мотивација и емоционална дистанца од работата. Личноста почнува да чувствува дека задачите кои претходно биле значајни стануваат товар, а концентрацијата и енергијата опаѓаат. Особено е важно да се обрне внимание на телесните симптоми како што се хроничен замор, нарушен сон, главоболки, мускулна напнатост, срцебиење и гастроинтестинални тегоби. Овие симптоми се предупредувачки знаци дека организмот е преоптоварен и дека ресурсите се исцрпуваат.

Прегорувањето не се појавува секогаш на ист начин, туку може да има различни форми, во зависност од начинот на кој личноста се справува со барањата и предизвиците на работното место. Кај некои луѓе, тоа се манифестира како постојана трка по постигнување, каде што успехот доаѓа по цена на здравјето и личниот живот. Кај други, се појавува како чувство на празнина и недоволна ангажираност, кога работата не нуди смисла, развој или признание, што води кон дистанцирање и губење интерес. Постојат и ситуации кога прегорувањето е поврзано со чувство на немоќ и несигурност, при што личноста почнува да се сомнева во сопствените способности и да се повлекува од одговорностите. Во најтешките случаи, прегорувањето станува хронична состојба – со долготрајна исцрпеност, емоционални промени и сериозно нарушување на секојдневното функционирање.

Овие различни форми покажуваат дека прегорувањето не е едноставно или моментално чувство, туку постепен процес кој се развива и се продлабочува ако не се препознае и не се третира навреме.

Дали овој синдром нè прави „потешки“ за луѓето околу нас? Колку тоа може ли да се прелее во односите кои ги воспоставуваме со семејството, пријателите и останатите во нашето секојдневие?

Да, прегорувањето често влијае и на односите со другите. Кога личноста е емоционално исцрпена, се намалува нејзиниот капацитет за трпение, емпатија и присутност. Тоа се манифестира преку повлекување, раздразливост или цинизам, што околината може да го доживее како тежина или токсичност во комуникацијата. На тој начин, прегорувањето се прелева од работниот во приватниот живот и го намалува квалитетот на меѓучовечките односи.

Кои типови личности се поранливи на таканареченото прегорување? Зошто токму тие најчесто „прегоруваат“?

Најранливи се луѓето со високо чувство на одговорност, перфекционистите и оние кои имаат силна потреба да им помагаат на другите. Тие често поставуваат високи стандарди за себе, имаат тешкотии да постават граници и ги ставаат потребите на другите пред своите. Исто така, лица кои се сомневаат во сопствените способности или чувствуваат потреба постојано да се докажуваат, може да вложуваат повеќе отколку што реално можат да издржат, што води кон исцрпеност.

Какви последици остава игнорираното чувство на „прегореност“ ? Дали занемарувањето може да доведе до посериозни состојби како анксиозност или депресија?

Игнорираното прегорување може да има сериозни и долготрајни последици. Хроничната исцрпеност го нарушува психичкото и физичкото функционирање и го зголемува ризикот за развој на анксиозност, депресивни состојби и психосоматски нарушувања. Со тек на време, се губи чувството на смисла, задоволство и енергија, што значително го намалува квалитетот на животот.

Како да си помогнеме и да не „прегориме“?

Превенцијата започнува со препознавање и прифаќање на сопствените граници. Важно е да се одржува баланс помеѓу енергијата што ја вложуваме и начините на кои ја обновуваме, преку редовни паузи, одмор и активности кои носат задоволство. Поставувањето граници, учењето да се каже „не“ и барањето поддршка се клучни чекори.

Да не прегориме не значи да правиме помалку, туку да живееме и работиме на начин кој е одржлив и здрав за нас. За да го постигнеме тоа, можеме да примениме неколку практични начини за превенција:

Тоа се на пример поставувањето на граници, односно да се каже „не“ без чувство на вина. Границите штитат од прекумерно трошење на енергија. Потоа редовни паузи и одмор, како кратки прекини во текот на денот кои помагаат да се обнови енергијата и да се одржи фокусот. Потребен е и баланс работа–приватен живот, што значи одвојување време за активности што исполнуваат, семејство и пријатели, а не само за обврски. Неопходно е и грижа за телото, квалитетен сон, редовно движење и здрава исхрана ја поддржуваат психичката и физичката стабилност. Тука е и емоционална хигиена, односно препознавање и изразување на емоциите наместо нивно потиснување. Реални очекувања од себе како што е намалување на перфекционизмот и прифаќање дека „доволно добро“ е често сосема доволно. Поддршка и споделување, разговор со колеги, пријатели или супервизор за намалување на емоционалниот товар. Активности што „полнат“ енергија, хобија, природа или креативни активности кои носат задоволство. Професионална помош кога е потребно, навремено побарување стручна поддршка е важен дел од превенцијата.