Јанушев се огради од незаконските постапки на неговиот возач

Објавено:

Генералниот секретар на Владата Игор Јанушев се оградува од коруптивните дејства на неговиот службен возач кој беше приведен за примање мито. Владиниот возач вработен во Службата за општи и заеднички работи на 6 септември беше приведен откако полицијата го фати со обележани пари, кои пријавувачот му ги дал за да „среди“ за вработување како пожарникар во Град Скопје. Неговиот надлежен, владиниот генсек Јанушев во пост објавен на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук во целост се огради од делувањето на приведениот.

„Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генерален секретар е само околу шест месеци. Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции“, напиша Јанушев.

Тој во својот пост додава дека ова е пример дека криминалот не е исплатлив.

„И до сите оние кои мислат дека на ваков начин можат да дојдат до пари или дека ваквото работење може да им се исплати сакам недвосмислено да истакнам дека со оваа Влада, со институциите кои постапуваат и со моето работење како поединец, но и како дел од овој систем, криминалот нема да ви биде исплатлив“, пишува Јанушев.

Неговата реакција следуваше по јавното прозивање од опозицијата, која која преку соопштение го окарактеризира овој чин како дел од делување на организирана криминална група, поставувајќи прашања во јавноста дали уапсениот возач дејствувал самостојно или бил само продолжена рака и посредник на генералниот секретар Игор Јанушев. Од СДСМ велат дека случајот покажува оти, како што тврдат, „сите земаат мито, дури и возачите на Владата“, додавајќи дека станува збор за „организирана криминална група“.

„Да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди, цела Влада ќе беше уапсена“, наведуваат од СДСМ.

На ова жестоко одговори Јанушев, посочувајќи дека, како што вели, во секоја ситуација СДСМ се обидува да конструира работи кои немаат врска со реалноста и дека се однесува политички бедно.

„Но, конструкцијата им е целосно промашена. Нивниот проблем е што не можат да прифатат дека денес институциите постапуваат. Не можат да прифатат дека никој не смее да биде заштитен ако го прекршил законот. И токму затоа денес се обидуваат да ја претстават како проблем акцијата која всушност покажува дека системот функционира. Нема да дозволам нивните политички конструкции да ја сменат вистината“, додаде Јанушев.

Полицијата го привела владиниот возач во моментот кога му било предаден плик со обележани пари. Полицијата и обвинителството ги обележале парите кои пријавителот му ги дал на возачот за да му „среди “ вработување како пожарникар. За таа „услуга“ требало да плати 1500 евра.

„Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари“, се вели во соопштението од Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Осомничениот е вработен како возач во СОЗР, која функционира во рамките на Владата, односно како возач на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.

Поради постоење на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците во постапката и ризик од повторување на кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за притвор, по што судијата на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

СОЗР управува со значаен буџет, државниот парк на возила, владините објекти и низа процеси за јавни набавки, што ја прави оваа институција една од најчувствителните на ризици од корупција.

Последни објави