„Младите да не пакуваат куфери“ – Што посакаа и порачаа политичарите за 35 години независност?

Објавено:

Пораки за обединување и градење држава во која младите ќе останат и да градат живот во Македонија, провејуваат во честитките од државниот и политички врв по повод 8 Септември – Денот на независноста.

На овој ден во 1991, пред 35 години, над 95% од гласачите заокружија „ЗА“ на референдумското прашање за излегување од Југославија и формирање самостојна и суверена држава.

Сиљановска-Давкова: Еден од најголемите проблеми е иселувањето

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката порача дека независноста почива на три столба: довербата во сопствената држава и капацитетот на институциите, меѓусебната доверба меѓу граѓаните и непоколебливата вера во иднината.

„Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми. Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сè уште се нашата најголема надеж“, порача Сиљановска-Давкова.

Според претседателката, „имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи“, меѓу кои таа ги наброја: искоренување на криминалот и корупцијата, бескомпромисно владеење на правото и мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани.

„Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина“, вели Сиљановска-Давкова.

Гаши: Никој да не се чувствува како странец во државата

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пак, порача дека оваа годишнина од независноста треба да се гледа со верба и оптимизам.

„Нашата Република е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. Оваа разновидност не треба да биде извор на поделби, туку наша заедничка сила. Во темелите на нашата држава секогаш треба да стојат еднаквоста и чувството дека секој граѓанин има свое рамноправно место во државата“, вели Гаши.

Собранискиот спикер додава дека заедничка должност е „да се гради држава во која институциите им служат на граѓаните, во која законите се применуваат еднакво за сите, во која корупцијата не се толерира и во која европската перспектива е заедничка цел“.

И тој се осврна на останувањето во државата и градењето иднина во неа.

„На овој посебен ден, посакувам нашата држава да биде место во кое никој нема да се чувствува како странец, во кое разликите се можност за успех, во кое институциите се посилни од тесните интереси и во кое секој млад човек може со убедување да каже: ’Тука е моето место и тука ја гледам мојата иднина‘“, вели Гаши.

Мицкоски: Секое дете да може да стигне до врвот

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека националната амбиција е во следните 35 години не смее да биде „само да опстоиме, туку да успееме“.

Во својот празничен говор тој порача дека имало генерации кои очекувале повеќе, а добиле помалку и оти се носеле тешки одлуки и се правеле тешки отстапки – се смени знаме устав, име.

„Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат, премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест, а вредните, тивките и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи“, рече Мицкоски.

Тој рече дека борбата денес е да се создаде земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот.

Тој се осврна и на евроинтеграциите на земјата велејќи дека посакува и работи на тоа тие да се генерацијата што ќе ја внесат државата во Европската Унија затоа што нема друга алтернатива. Но, вели, треба трпение и градење доверба алудирајќи на билатералните односи со Бугарија и потсетувајќи дека источниот сосед треба да ги почитува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница, но и да престане да го негира македонскиот мајчин јазик.

„Кога нема доверба нема ниту дијалог. Затоа најпрво ајде да создадеме доверба а потоа и да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води кон никаде. Туку води кон нови проблеми и нови порази“, рече премиерот.

Филипче: Наша обврска е да изградиме европска држава што функционира и правда еднаква за сите

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче порача дека минатите генерации се избориле за независност, членство во НАТО и го отвориле патот кон ЕУ, а го обезбедиле и македонскиот јазик и идентитет. Обврска на оваа генерација, порача тој, е „нашите деца да сакаат да живеат во оваа држава, да се избори за Европска Македонија“.

„Затоа што државата е и секојдневниот живот на луѓето, на нашите деца и внуци. Државата е во создавањето можности родителите достоинствено да го издржуваат своето семејство, младите да создадат дом, а повозрасните да имаат мирна и достоинствена старост. Работниците да живеат од својот труд, достоинствено, без страв дали ќе им стигне платата до први. Да изградиме економски силна, европска држава, со подобар животен стандард, во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома. Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда што важи еднакво за сите“, порача Филипче.

Касами: Еден од најважните датуми

Копретседателот на владејачката партија ВЛЕН, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Билал Касами, исто така честиташе со кратка порака.

„Денес го одбележуваме еден од најважните датуми за нашата земја, 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија. Овој ден нè потсетува на волјата на граѓаните да изградат слободна и демократска држава, еднаква за сите! Честитки!“, напиша Касами.

Ахмети: Да го зачуваме она што го изградивме заедно

Оваа држава не е изградена за еден ден, ниту само од една заедница, порача и лидерот на опозициската ДУИ. Тој во празничната честитка изразува загриженост за Охридскиот мировен договор постигнат по конфликтот во 2001-та, велејќи дека овој документ ја зајакнува унитарноста на државата, правејќи ја подемократска.

„Мојата загриженост не е само за она што е постигнато, туку и за она што може да се изгуби доколку заборавиме зошто беа потребни промените од 2001 година. Загрижува кога гледам исклучување во застапеноста, пречки во употребата на јазиците, неинклузивност во културата и јавниот живот или обиди за поткопување и релативизирање на принципите врз кои беше изграден мирот. Треба да бидеме внимателни. Затоа што државите не се ослабуваат со еднаквост. Државите се ослабуваат кога нивните граѓани почнуваат да се чувствуваат исклучени“, посочува Ахмети.

Затоа, додава лидерот на ДУИ, неговата порака е едноставна: „Да го зачуваме она што го изградивме заедно и да го придвижиме напред“.

Од независноста досега, Македонија имала влади предводени од 14 премиери, како и шест претседатели.

Првиот претседател беше Киро Глигоров, потоа Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски и актуелната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.

Премиер, пак, биле: Никола Кљусев (првата експертска влада со мандат 1991-1992, потоа Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски, Емил Димитриев (технички премиер), Зоран Заев, Оливер Спасовски (технички премиер), Димитар Ковачевски, Талат Џафери (технички премиер) и актуелниот Христијан Мицкоски.

Последни објави