Марија Конеска, психолог: Барањето помош не значи дека сте лош родител

Објавено:

Децата во денешно време се соочуваат со анксиозност, несигурност, ниска самодоверба и притисок од очекувањата на околината. Врсничкото и сајбер насилството се речиси секојдневна појава. Социјалните мрежи и постојаната споредба со другите дополнително го зголемуваат товарот. Најранливи се децата со пониска самодоверба или оние кои се разликуваат од мнозинството, но жртва може да биде секое дете, вели Марија Конеска, психолог и психотерапевт која во својата практика се занимава со теми поврзани со менталното здравје, емоционалниот развој, родителството и семејната комуникација.

Таа денеска (13 јуни) ќе ја промовира својата книга „Корени и крилја“, во која дава насоки како родителите најдобро да се справат со предизвиците со кои се соочуваат децата. Преку практични примери и психолошки согледувања, книгата треба да им помогне на родителите подобро да ги разберат пораките што стојат зад детското однесување.

„Совршен родител не постои, ниту пак детето има потреба од совршен родител. На децата им треба доволно добар родител, некој што сака, слуша, учи од грешките и е присутен во нивниот живот. Успехот во родителството не се мери со совршено однесување на детето, ниту со неговите оценки и достигнувања. Тој се гледа во тоа дали детето расте со чувство дека е сакано, прифатено и вредно“, вели Конеска во разговор за Колегиум.мк.

Со какви предизвици се соочуваат денеска децата и младите, од аспект на нивното ментално здравје? За што најчесто бараат помош од психолог и кој според Вас е најголемиот предизвик?

Децата и младите денес растат во време на брзи промени, огромен прилив на информации и постојана изложеност на социјалните мрежи. Сѐ почесто се соочуваат со анксиозност, несигурност, ниска самодоверба, страв од неуспех и чувство дека мора постојано да ги исполнуваат очекувањата на околината. Најчесто бараат помош поради емоционални тешкотии, проблеми во односите со врсниците, семејни конфликти, училишен притисок или проблеми со идентитетот. Забележливо е и чувството на осаменост, иако формално се поврзани повеќе од кога било. Според мене, најголемиот предизвик е што многу деца растат без доволно простор да ги препознаат, разберат и изразат своите чувства. Токму затоа е важно да создадеме средина во која детето ќе се чувствува слушнато, прифатено и безбедно да биде тоа што е.

Колку, според Вашето искуство, насилството (врсничко, сајбер булинг, социјално исклучување) е присутно меѓу младите генерации денес и кои деца се најпогодени? Кој е Вашиот совет за справување со насилството?

Насилството меѓу младите постои отсекогаш, но денес добива нови форми преку дигиталните платформи. Сајбер булингот овозможува навредите, исмејувањето и исклучувањето да продолжат и надвор од училишниот простор, што го прави особено штетен. Најпогодени се децата кои се почувствителни, се разликуваат по нешто од групата или имаат пониска самодоверба. Но важно е да нагласиме дека жртва може да стане секое дете. Најголемата грешка е кога возрасните ги минимизираат овие искуства со реченици како „ќе помине“ или „не обрнувај внимание“. Потребно е внимателно слушање, поддршка и навремена реакција. Детето треба да знае дека не е само и дека има возрасни кои ќе застанат на негова страна. Превенцијата започнува со развивање емпатија, почит и култура на прифаќање уште од најрана возраст.

Истражување на УНИЦЕФ покажа дека во Македонија сѐ уште е висока стапката на физичко казнување и насилно дисциплинирање на децата од страна на родителите. Дали ќотекот е ефективна воспитна мерка?

Не, физичкото казнување не е ефективна воспитна мерка. Тоа може краткорочно да го запре одредено однесување, но не го учи детето што е правилно и зошто е правилно. Наместо разбирање, создава страв, а често и чувство на понижување, лутина или недоверба. Детето учи дека конфликтите се решаваат со сила, а не со разговор и со разбирање. Истражувањата покажуваат дека физичкото казнување може да има долгорочни последици врз емоционалниот развој и самодовербата. Воспитувањето не значи контрола преку страв, туку водење преку поврзаност, доследност и поставување јасни граници. Родителот може да биде авторитет без да биде насилен. Најголемото влијание врз детето не го имаат казните, туку односот што го градиме со него секој ден.

Колку родителите се охрабруваат да побараат помош од психолог за себе, за да ја подобрат својата комуникација со децата?

Во последните години забележувам позитивна промена и сѐ повеќе родители се охрабруваат да побараат стручна поддршка. Сепак, кај дел од нив сѐ уште постои страв дека барањето помош е знак на неуспех или слабост. Всушност, најодговорните родители се токму оние кои се подготвени да учат и да работат на себе. Често проблемот не е во детето, туку во моделите на комуникација што се создадени во семејството. Кога родителот ќе научи подобро да слуша, да поставува граници и да ги препознава потребите зад однесувањето на детето, се менува целата семејна динамика. Барањето помош не значи дека сте лош родител. Напротив, тоа покажува љубов, зрелост и желба да му понудите на детето најдобра можна поддршка.

Што содржи „Корени и крилја“? Дали можеби дава „упатства“ за тоа како родителот да се справи со одредени ситуации присутни во секојдневието на децата?

„Корени и крилја“ не е книга со строги правила и рецепти за родителство, затоа што секое дете е единствено. Наместо тоа, таа нуди насоки, разбирање и подлабок увид во детскиот развој и потребите на детето. Книгата обработува теми како емоционална поврзаност, поставување граници, развој на самодоверба, комуникација, дисциплина и создавање безбедна средина за раст. Преку практични примери и психолошки согледувања, им помага на родителите подобро да ги разберат пораките што стојат зад детското однесување. Целта не е да им каже на родителите што точно да направат, туку да ги поттикне да размислуваат, да се поврзат и посвесно да го градат односот со своето дете.

Постои ли совршен родител? Како се мери успехот на еден родител при воспитувањето на детето?

Совршен родител не постои, ниту пак детето има потреба од совршен родител. На децата им треба доволно добар родител, некој што сака, слуша, учи од грешките и е присутен во нивниот живот. Успехот во родителството не се мери со совршено однесување на детето, ниту со неговите оценки и достигнувања. Тој се гледа во тоа дали детето расте со чувство дека е сакано, прифатено и вредно. Успех е кога детето знае да мисли со своја глава, да гради здрави односи, да се справува со предизвици и да верува во себе. Родителството е процес, а не натпревар. Најважно е односот што останува меѓу родителот и детето низ годините.

Што значат здрави корени и здрави крилја во оформувањето на личноста на едно дете? Која е главната порака на книгата?

Здравите корени се чувството на сигурност, припадност, љубов и прифаќање што детето го добива во семејството. Тие му даваат стабилност и внатрешна сила. Здравите крилја, пак, се самодовербата, независноста, љубопитноста и храброста да го истражува светот и да го следи својот пат. Детето има потреба и од едното и од другото – од место каде што секогаш ќе може да се врати, но и од слобода да полета. Главната порака на книгата е дека нашата задача како родители не е да го обликуваме детето според сопствените очекувања, туку да му помогнеме да стане најдобрата верзија од себе. Кога ќе му дадеме силни корени и здрави крилја, му даваме највреден подарок за животот.