УНИЦЕФ: Речиси секој четврти млад човек од 13 до 15 години бил малтретиран најмалку еднаш во последните месеци

Објавено:

Повеќе од две од три деца на возраст од 1 до 14 години во Северна Македонија доживуваат насилна дисциплина во домот, што вклучува психолошка агресија и/или физичко казнување. Вкупно 23 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години во Северна Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци, покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ, водечка меѓународна организација за заштита на правата на децата.

Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија, во автосрки текст пишува дека дигиталниот свет е уште еден ризик, па насилството ги следи децата секаде – дома, на училиште, на игралиште и на нивните телефони. Стигмата и обвинувањето на жртвите дополнително ја влошуваат ситуацијата, обесхрабрувајќи ги децата да пријават и да побараат поддршка.

„Во изминатите денови, Северна Македонија е преплавена со наслови и интензивна јавна дебата за насилството што ги погодува децата и адолесцентите. Многу луѓе чувствуваат шок, гнев, страв и длабока тага – и овие реакции се разбирливи. Но, револтот што згаснува во тишина не менува ништо. Она што ѝ е потребно на земјата во овој момент е заедничка одлука повеќе да не се толерираат условите што дозволуваат насилството да опстојува. Ако сакаме загриженоста да ја претвориме во заштита, мора да реагираме на начин што ги почитува правата на децата, го штити нивното достоинство и ги зајакнува решенијата“, пишува Милер.

Како одговор на ова насилство, Милер вели дека општеството треба да ги зајакне законите и да обезбеди тие навистина да функционираат за децата. Понатаму, на семејствата да им се даде практична поддршка за родителство, насоки за позитивна дисциплина и помош во справувањето со онлајн светот на децата.

Друг предлог е реална превенција во секое училиште, со доследни и применливи политики против булинг и сите форми на насилство, обучен кадар што може навремено да ги препознае предупредувачките знаци, безбедни канали за пријавување и култура што поттикнува емпатија и инклузија, а не понижување и насилство.

„Кога дете ќе пријави насилство, системот мора да реагира брзо, доверливо и на начин што нема дополнително да го трауматизира. Тоа значи итна медицинска грижа и советување за да им се помогне на децата да се справат и да закрепнат од траумата. На децата им се потребни достапни, безбедни и јавно промовирани канали за пријавување насилство и добивање грижа, со обучени професионалци“, пишува Милер.

Таа смета дека ресторативните пристапи, поддршката за ментално здравје и социјалните услуги, заедно со мерките за одговорност, се клучни за прекинување на меѓугенерациското пренесување на насилството. Тоа бара ангажман од целото општество – институциите, училиштата, здравствените и социјалните служби, правосудството, граѓанските организации, приватниот сектор, заедниците, родителите и самите млади.

Дополнително, Народниот правобранител објави дека вкупно 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца се евидентирани во периодот од 2020 до 2024 година во државата. Алармантниот тренд продолжил и во текот на 2025 година кога се евидентирани нови 96 деца, жртви на кривични дела против половата слобода и морал. Системот за заштита на жртвите не обезбедува навремена поддршка и често предизвикува секундарна виктимизација, покажуваат заклучоците од најновата анализа на Народниот правобранител.

Минатата недела медиумите објавија дека ученичка од шесто одделение од скопско основно училиште била физички малтретирана од три повозрасни девојчиња. Шестодделенката била жртва на врсничко насилство, во кое била физички нападната, гаселе цигари од нејзиното тело, ја понижувале и присилиле во локалниот парк да јаде кучешки измет.