Австриската полиција уапси 39-годишен маж по обид за уцена на производителот на бебешка храна „Хип“, изјави портпаролката на Јавното обвинителство, јавува германската новинска агенција ДПА.
Обвинителството потврди дека осомничениот е приведен и испрашан во Австрија. Според властите, непознато лице се обидело да изнуди пари од „Хип“ со контаминација на неговите производи со отров за стаорци, кои биле пуштени во промет.
Минатиот месец, откако компанијата повлече серија од еден од нејзините производи, во пет теглички со бебешка храна кои биле манипулирани во транспортниот процес, било откриено дека содржат отров за глувци. Станува збор за теглички пронајдени во три земји Австрија, Чешка и Словачка, пред тиестигнат до корисниците.
Во Австрија, истражителите пронајдоа вкупно 15 микрограми отров за стаорци во тегла од 190 грама со „моркови со компири“ што беше запленета. Сите манипулирани теглички имале бела налепница со црвен круг на дното и биле отворени пред продажба. Неодамна се трагаше по шестата потенцијално контаминирана тегличка.
„Хип“ објави повлекување на производот во Австрија.
Набргу откако случајот излезе на виделина, австрискиот весник „Ди Пресе“ објави дека во март до „Хип“ била испратена е-пошта со барање за 2 милиони евра во рок од шест дена, но компанијата не го забележала тоа сè до две недели по истекот на рокот.
Компанијата подоцна изјави дека е-поштата била испратена на групна адреса која не се проверува често.
Од Хип Македонија се огласија со соопштение при што посочија дека спорниот производ кој се повлекува од супермаркетите во Австрија, поради потенцијална опасност по здравјето од вметнати одредени материи во процесот на дистрибуција, не се увезува ниту се продава на македонскиот пазар.
„Сакаме да потенцираме дека Хип како најреномиран производител на органска бебешка храна, отсекогаш спроведува најстроги контроли на своите производствени процеси а исто така сите производи подлежат на контрола при увозот од страна на нашите надлежни институции и истите се безбедни за употреба“, се вели во нивното соопштение.


